
Сега и официјално: Ова овошје може да го намали ризикот од уринарни инфекции
Инфекциите на уринарниот тракт можат да бидат неверојатно болни и можат да предизвикаат различни проблеми со мочниот меур. Ако не се лекуваат, тие можат да се преселат во бубрезите и да предизвикаат дополнителни компликации, вклучително и сепса во ретки случаи.
Препорачано
Иако најчесто се јавуваат кај жени, може да се појават и кај мажи, но и кај деца.
Во новата студија, истражувачите прегледале 50 претходни испитувања во кои биле вклучени вкупно 8.857 учесници. Овие претходни испитувања разгледувале како ризикот од уринарни инфекции е поврзан со брусницата која доаѓа во форма на сок, таблети или во прав.
„Студиите што ги разгледавме вклучија низа методи за одредување на придобивките од производите од брусница“, вели епидемиологот Жаклин Стивенс од Универзитетот Флиндерс во Австралија.
Таа понатаму вели дека „поголемиот дел од учесниците кои користеле производи од брусница биле споредени со оние кои примале плацебо и откриле дека пиењето брусница во облик на сок или капсули го намалува бројот на инфекции кај жените, децата и луѓето склони кон уринарни инфекции по медицински интервенции“.
Ризикот од развој на инфекции на уринарниот тракт е намален за повеќе од една четвртина кај жените со повторени случаи на инфекција, за повеќе од половина кај децата и за нешто повеќе од половина кај луѓето кои најверојатно ќе го добијат овој вид на инфекција по медицински процедури, пишува „Саенс алерт“ (Science alert).
Само неколку луѓе во студиите пријавиле несакани ефекти, а најчеста е болката во стомакот. Меѓутоа, постојат празнини во податоците: мошне малку студии ги споредиле производите од брусница директно со антибиотици или со самите пробиотици, на пример, и овие третмани може да бидат ефикасни како и овошјето.
Не се покажани никакви придобивки од брусницата за постарите возрасни луѓе, трудниците или за луѓето со проблеми со празнење на бешиката, така што ова не е наод кој се применува на сѐ. Меѓутоа, тоа покажува дека за некои групи луѓе ризикот е значително намален.
„Овој неверојатен резултат навистина не нѐ изненади, бидејќи сме научени дека вистината на крајот ќе излезе на виделина кога ќе има повеќе докази“, вели епидемиологот Габриел Вилијамс од „Детската болница“ во Австралија.
Инфекциите на уринарниот тракт се многу чести, околу една третина од жените ќе ги доживеат барем еднаш, како и многу постари луѓе, како и лицата со проблеми со мочниот меур поради повреда на ‘рбетниот мозок или други состојби.
Иако многу жени веќе користеле сок од брусница за да спречат уринарни инфекции до оваа точка научните докази за неговата ефикасност не беа особено убедливи.
Според претходните студии, се смета дека соединенијата во брусницата наречени проантоцијанидини (PAC) помагаат во спречувањето на врзувањето на бактеријата ешерихија коли за клетките кои го обложуваат мочниот меур, давајќи им ги на овие плодови нивните заштитни придобивки. Се проценува дека ешерихија коли сочинува околу 90 отсто од инфекциите на уринарниот тракт.
Останува нејасно која доза на PAC од брусница треба да биде оптимална, но една студија од 2021 година препорача околу 36 милиграми PAC дневно.
Истражувачите одговорни за овој најнов преглед предупредуваат дека „од овие анализи не би можеле да се извлечат заклучоци за релативната ефикасност на различни дози на PAC“.
Ова е петти во серијата прегледи, од кои првиот беше објавен во 1998 година, а секој пат истражувачите можат да додаваат повеќе податоци. Со секое ажурирање, потенцијалните придобивки од брусницата стануваат се поочигледни.