
Седумдесетгодишното постоење на „Стремеж“ беше одбележано со јубилеен двоброј на списанието
Списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ во 2024 година одбележа значаен јубилеј – 70 години печатење и објавување на внимателно избрани текстови од македонската и светската литература. По тој повод беше објавен јубилеен двоброј на „Стремеж“.
Препорачано
Првиот дел од јубилејниот двоброј под насловот „70 песни – стремежплов низ 70 години ’Стремеж‘“ носи реобјави на 70 песни избрани од различните броеви кои излегле во текот на седумдесетте години постоење. Некои од тие песни се книжевните првини на денес етаблирани македонски книжевници, некои го имаат веќе статусот на уникатни книжевни артефакти кои биле поттик за следните писателски генерации, а некои се проблесоци на новите поетски ѕвезди на македонскиот книжевен хоризонт. Тоа игриво пловење низ децениите поетско творештво на ова тло е неодоллива книжевна авантура и возбудливо читателско искуство за старо-новата публика читатели и состремежници.
Вториот дел од двобројот ги содржи редовните рубрики, а во рубриката „Проза“ читателите можат да ги прочитаат најновите раскази од Петре Димовски и од Блаже Миневски, како и извадоци од необјавените романи на Оливера Ќорвезироска („Три Марии“), Мирче Нешовски („Воскресение, experience, патот на духот“) и Михајло Свидерски („Арагон“). Рубриката „Театар, филм“ ги донесува драмолетот на Ацо Гогов „Ноќни разговори“ и филмската рецензија „Три филма на Ларс Вон Трир, за попреченост“ на Никола Гелевски.
Рубриката „Критики, есеи, студии“ ги содржи есејот на Елизабета Шелева по повод 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, рецензијата на Лидија Капушевска-Дракулевска за романот „Заборав“ на Томислав Османли, есејот на Марина Мијаковска „Поетските микросветови на Раде Силјан“ и студијата на Давид Стојаноски со наслов „Црн овен на Блаже Конески како збирка за животот, смртта и поезијата“.
– Ова долго опстојување на книжевната сцена, како едно од најстарите списанија во земјава, го прави „Стремеж“ стамен светилник кој низ децениите општествени промени го осветлува и чува патот и растот на македонската литература. Незаменлива е неговата улога во афирмирањето, развојот и промоцијата на македонската книжевност, уметност и култура. Од редовите на соработниците на „Стремеж“ се излезени голем број еминентни македонски писатели, врвни научници и академици. Речиси нема автор во земјава кој во одреден период од сопствената книжевна кариера не објавил свои текстови на страниците на списанието. Преку „Стремеж“ во континуитет се афирмираат и нови гласови, млади писатели, литературни критичари, есеисти, историографи и историчари на уметноста, а исто така, преку застапувањето на препевите и преводите, списанието врши функција и на едукатор на нашата јавност со актуелните книжевно-уметничките достигнувања, не само во Европа, туку ширум светот – истакнува главната и одговорна уредничка на списанието Габриела Стојаноска – Станоеска.
Списанието „Стремеж“ го издава Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп со поддршка на Министерството за култура и туризам.