Фирми/Фото „Слободен печат“Слободан Ѓуриќ

Сечи, кастри, давачките за фирмите се множат како плевел! Владата ќе ја „воскресне“ Регулаторната гилотина

Резултатот од направените анализи во 2022 година, покажа дека од вкупно 377 давачки, дури 255 се административни такси и се регулирани во тарифникот на Законот за административни такси, останати неданочни плаќања регулирани со други материјални закони се вкупно 117, додека давачки што се наплаќаат од самостојни органи на управа и кои одат директно во нивниот буџет се вкупно 46

По речиси 20 години, новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја „воскресне“ Регулаторната гилотина. Според најавата, во нивната изборна година за во 2025 година ќе се спроведе кастрење на обемните прописи што ги засегаат граѓаните и компаниите. Од владејачката партија ветуваат дека во рамките на Службен весник ќе се направи е-регистар на закони и подзаконски акти по области, а целта е државата да обезбеди на едно место достапност на целокупната законска регулатива, систематизирана на јасен начин и лесна за пронаоѓање со цел да се зголеми ефикасноста на носењето одлуки како од приватниот, така и од јавниот сектор.

– Операцијата ќе опфати скенирање илјадници законски и подзаконски акти, процедури и постапки, со предлози за укинување или поедноставување на сите што се непотребни или преобемни. Оваа алатка ќе влијае директно во насока на подобрување на бизнис-климата, намалување на бирократијата и корупцијата. Преку инклузивен процес, очекуваме голема и активна поддршка од бизнис-заедницата, институциите, стопанските комори и граѓаните за успешно детектирање на проблематичните регулативи и подобра реализација на овој проект – се надеваат од владејачката партија.

И претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски во 2006-та помпезно го почна проектот „Регулаторна гилотина“, кој требаше да придонесе за намалување на бирократските процедури и на можностите за корупција во јавната администрација. И тогаш како и сега беше предвиден единствен Национален регистар на закони, кои ќе бидат целосно транспарентни и достапни на интернет. За таа цел работните тела на тогашната Влада, требаше да прочешлаат повеќе од 1.500 закони и 3.000 подзаконски акти. Првата фаза од првиот проект „Регулаторна гилотина“ била 100 отсто реализирана, втората фаза била со успех од 74, а третата со 73 отсто реализација.

Лек за уште една болка на бизнисот, според убедувањето на новата Влада треба да биде и електронскиот регистар на парафискалните давачки. Почнувајќи од 2019 година, Министерството за економија, предводено од претходниот министер Крешник Бектеши спроведе активности за мапирање, што резултираше со листа од 377 парафискални давачки. Резултатот од направените анализи во 2022 година, покажа дека од вкупно 377 давачки, дури 255 се административни такси и се регулирани во тарифникот на Законот за административни такси, останати неданочни плаќања регулирани со други материјални закони се вкупно 117, додека давачки кои се наплаќаат од самостојни органи на управа и се воедно давачки од кои одат директно во буџетот на органот се вкупно 46. Не е познато што е скастрено од оваа џунгла на прописи, што значи дека новата Влада или ќе почне одново или ќе продолжи онаму каде што застанаа нивните претходници.

Сојузот на стопански комори уште во 2019 година има подготвено список на дел од давачките што треба да се укинат или да се коригираат. Меѓу нив се и потврдите за извршен периодичен здравствен преглед на вработените за што се плаќаат високи суми, иако како основни услуги, секој вработен може да ги добие од редовен преглед преку здравственото осигурување што го плаќа работодавачот. И Стопанската комора на Македонија повеќе години се залага за намалување или за укинување на дел од парафискалните давачки, а претседателот Бранко Азески за ова уште еднаш го потсети премиерот Христијан Мицкоски.

– Која е оправданоста и целисходноста од постоење и воведување одредени надоместоци и давачки што не остваруваат значаен фискален приход, а претставуваат значаен трошок за компаниите – потсети Азески.

Потврдата за здравствен преглед е меѓу трите врвни парафискални давачки!

Истражувања покажаа дека потврдата за здравствен преглед е меѓу трите врвни парафискални давачки. Како помош на стопанството во пандемијата, стопанствениците бараа систематските прегледи во 2020 и 2021 година да бидат на товар на Фондот за здравствено осигурување, но добија само нивно времено одложување.

Куриозитет е дека секторот земјоделство, шумарство и рударство плаќа двојно повисоки надоместоци за лиценци, елаборати и сертификати, во споредба со другите сектори, бидејќи од јавните услуги на овој ресор дури 60 проценти се разни дозволи, овластувања и решенија за производство и за пласман. Ова министерство имало најмногу парафискални давачки, додека Царинската управа и Јавната установа Центар за образование на возрасни Скопје, имале најмалку.

Поранешната анализа на Стопанската комора покажа дека парафискалните давачки секоја година ја подјадуваат македонската економија за 400 милиони евра, а тие не само што не се намалуваат, туку само се зголемуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот