
Сè уште лежат: Натпреварот во Црна Гора трае рекордни 30 дена
Учесниците во натпреварот во лежење, во Црна Гора би можеле да влезат во Гинисовата книга на рекорди, бидејќи верувале или не лежат цел месец, пренесуваат локалните медиуми.
Препорачано
Во моментов остануваат уште четворица, две девојки и двајца мажи, кои се борат за титулата „најголем лежач“, како и за награда од 1.000 евра. Никој не сака да се откаже сега кога победата е толку блиску.
„Ова е навистина незамисливо. Сите рекорди се соборени одамна. Секој од овие пет натпреварувачи што ќе победи, го заслужува тоа. Сега никој не сака да се откаже, ова е многу повеќе од натпревар во лежење, ова е вистинска психолошка игра. Се трудиме навистина да им обезбедиме најдобри услови. Им носиме храна и пијалоци, има и лекари кои го чуваат нивното здравје“, раскажува Миќо Благојевиќ, сопственикот на црногорското етно-село и организатор на овој натпревар.

Веќе цел свет слушна за лежачите во етно-селото во Брезна. Најпознатите домашни, регионални и светски медиуми постојано пренесуваат информации од ова необично натпреварување.
„Сè почна како шега за предрасудите дека Црногорците се мрзливи и сакаат да лежат, а сега ова е натпревар за кој зборува цел свет. Оваа година има бројни анегдоти кои долго ќе се прераскажуваат. Еден натпреварувач дури изгуби неколку килограми иако само јаде и лежи. Таткото на едно девојче ѝ донесе нов автомобил пред влезот во етно-селото, за да стане да го види и да го заврши натпреварот, но таа сепак рекла дека треба да почека. Горивото поскапе, подобро нека лежи“, додава Миќо низ насмевка.
Инаку, натпреварувачите имаат право да одат во тоалет на секои осум часа по десет минути за да ги исполнат сите свои физиолошки потреби, а храната и пијалоците им се носат каде што лежат. За да се обезбеди сè да оди без проблеми, има и лекари кои ги посетуваат и ги проверуваат натпреварувачите.
Во Црна Гора се одржува натпревар во лежење: Ќе се излежуваат за награда од 1.000 евра
Црногорците се навистина „мрзливи“: Сè уште трае натпреварот во лежење, веќе 13 дена