Се ситни последната недела од кампањата за претседателски избори

Ова е последната недела од кампањата за претседателските избори. Седумте кандидати до 22 април ќе може да ветуваат и да ги пресзентираат своите програми. Потоа настапува предизборниот молк, а на 24 април граѓаните ќе гласаат за една од седумте опции. И според последните пораки од кандидатите може да се заклучи дека сите имаат добра визија за Македонија, ветуваат „брда и долини“, но кој ќе има можност да ги оствари ветувањата, ќе биде појасно на 8 мај.

Нема гордост без национални и државни интереси – порача кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова. Таа рече дека Македонија не треба само да молчи пред европските челници за нестандардните услови на патот кон ЕУ, туку би им порачала дека Македонија е дел од Европа историски, географски, културно, и треба да не почитуваат исто како што ги почитуваат другите земји членки и кандидати. Таа посочи и дека актуелната власт не ужива углед.

„Затоа овие луѓе не уживаат углед и не може да ја претставуваат Македонија, не само добро, а камоли подобро и затоа Македонија не може на нив да биде горда. Бидејќи ако во секоја реченица со пет збора, во три прават грешка, тогаш тоа е голем проблем. Затоа бегаат од дебати, затоа самите си се храбрат си измислуваат, па велат ,излезете на дебата’, ама знаат што ќе им се случи на дебатата. Минатиот пат тој вратата не знаеше да ја најде“, посочи Силјановска Давкова.

„Опозицијата ќе го закочи патот кон ЕУ бидејќи сакаат да дојдат на власт и да владеат без усул и по можност тоа да нема крај“ – порача кандидатот за претседател од СДСМ Стево Пендаровски од централниот митинг во Куманово. Тој рече дека бил претседател на сите и никого не дискриминирал за време на неговиот пет годишен мандат. Побара поддршка од граѓаните со ветување дека Македонија ќе стане членка на Европската Унија.

„Нема друг начин да влезете во развиениот свет отколку да се договорите со првите комшии, па после да размислувате за интеграција во пошироките организации. Но во моментот кога ја одржавме првата конференција и мислевме дек ја ставивме Македонија на „брзата пруга“ и по ова прашање, за жал, освен опструкциите кои ги очекувавме од нашито источен сосед,  неочекувано, доживеавме опшструкции од политичката опозиција, олицетворена во најголемата политичка опозициона партија, ВМРО-ДПМНЕ, кои од свои мотиви, од свои причини, се однесуваа кон европскиот пат на Македонија, како Република Бугарија. Ја попречуваа и сеуште ја попречуваат земјава да напредува, рече Пендаровски.

Максим Димитриевски, кандидатот за Претседател на Македонија од Движењето ЗНАМ-За наша Македонија денеска имаше средби со граѓаните на Скопје. Во изјавата за медиумите Димитриевски со следната порака до оние, кои како што рече, во минатото се претставувале како зелени, а сега како Европски фронт, а всушност имаат една монолитна политика со крајна цел да се трансформира Македонија од прост во сложен тип на држава.

„Било какви уставни измени во однос на избор на претседателот на Македонија во Собрание, а не на непосредни избори за мене како кандидат, а и за политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија се неприфатливи. Ниту до сега, ниту од тука па натаму ќе се пазариме по било кој основ за било која цена. Тоа го ставивме во нашата програма, која ја презентиравме и сеуште ја презентираме до граѓаните, рече тој. „Евентуални предлози за уставни измени кои би се однесувале на бришење на формулацијата „јазикот кој го говорат 20 %“ и менувањето на сегашниот начин на избор на Претседател на Републиката, за мене се неприфатливи бидејќи ги подриваат фундаментите на кои почива Охридскиот рамковен договор, за којшто сметам дека е 100 посто реализиран“, рече Димитреивски.

 

Претседателскиот кандидат од ГРОМ, Стевчо Јакимовски Нам ни се потребни измени во Локалната самоуправа и во делот на функционирање на Град Скопје, нов Закон за Град Скопје, нов Закон за локална самоуправа со кој што ќе се зголемат ингеренциите во делот на комуналните инспектори, рече Јакимовски.

„Значи ние мораме да имаме комунални инспектори коишто ќе можат да легитимираат да казнуваат, да физички неутрализираат затоа што вака на ваков начин функционирање на комунална инспекција при што легитимирањето треба да го врши полицијата е апсолутно нефункционално. Понатаму мораме да направиме промени и во Законот за домување, имаме Закон кој што е апсолутно нефункционален и во кој што немаме никакви ингеренции, а имаме граѓани коишто во станови чуваат по 20-30-40 мачки, кучиња и постојано се жалат граѓаните.

 

Билјана Ванковска, претседателски кандидат на Левица, при денешната средба со граѓаните на Општина Центар и Општина Кисела Вода освен со претставување на изборната програма се задржа и на известувањето од Владата за денот на гласањето, кое како што вели ги дискриминира граѓаните.

„Го добивме известувањето од Владата за денот на гласањето, кој е слободен ден само за јавната администрација. Сметам дека тоа е неправедно, не е фер услов. Практично, сите приватни работодавачи ќе можат да им оневозможат на граѓаните да го напуштат работното место, да излезат да гласаат, зависно од нивните околности“, рече Ванковска.

Кандидатот за претседател на ВЛЕН, Арбен Таравари денеска го посети градот Велес и околните населени места. Прво беше во велешката џамија, а потоа го посети и градскиот пазар и ги ислуша барањата на трговците и граѓаните.

„Денеска решивме да ја посетиме источна Македонија и да почнеме од градот Велес за да поразговараме со трговците, луѓето, а потоа ќе продолжиме во другите маала и населени места. Овде на пазарот ми кажаа за нивната работа, ги слушнавме нивните главни проблеми“, рече Таравари, додавајќи дека програмата на ВЛЕН главно се заснова на економски развој, бидејќи Македонија е и најнеразвиена економски на Балканот“, рече Таравари.

Кандидатот за претседател од редовите на „Европскиот фронт“, Бујар Османи порача дека на овие избори противник не му е албанската опозиција, туку ВМРО-ДПМНЕ, која бара 61 пратеник за, како што рече Османи, да ги исклучи Албанците. Според него, од 2001 година паднале бариерите за Албанците, а сега дошло време тие бариери да паднат и за другите заедници.

„Нашата политичка опозиција на овие избори, браќа и сестри е понудата која бара 61 пратеник за да нè исклучат. На овие избори има две понуди, заборавете 7 кандидати за претседател, нема десет политички партии, но има две понуди. Понудата за евроинтеграции во рок од пет години што ја ветува Европскиот фронт или понудата за изолација што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ“, рече Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот