
Се простуваме од Драган Вучиќ: Омилен водител, ненадминлив шоумен, а пред сè голем човек (ФОТО, ВИДЕО)
Како гром од ведро небо утрово нè вознемири информацијата дека на Инфективната клиника во Скопје почина еден од најпознатите водители, Драган Вучиќ.
Препорачано
Човекот кој дефинитивно учествуваше и можеби е еден од најважните луѓе во создавањето на македонската јавна сцена.
Како што соопшти министерот за здравство Венко Филипче, неговата здравствената состојба се влошила пред осум дена, кога бил префрлен на лекување на одделението за интензивна нега. Вучиќ имал тешки оштетувања на белите дробови, истакна Филипче.
Драган Вучиќ е роден во 1955 година и беше среќно оженет веќе четири децении. Неговата сопруга Весна е ќерка на легендарниот гајдаџија Пеце Атанасоски, додека син му Мартин е пејач и директор на Ансамблот за народни песни и ора „Танец“.

Во неговата биографија ќе бидат запишани многу телевизиски проекти кои ги сработил, а особено ќе биде запаметен кога пред 20 години го создаде шоуто „Вашите 5 минути“.
Емисија во која се пријавуваа луѓе од целата земја и сакаа да ги покажат своите вокални способности.
Многу години подоцна, речиси ист ваков концепт се појави кај нашиот северен сосед, а Драган честопати во интервјуа знаеше да каже дека ние сме биле први кои сме смислиле едно такво големо музичко натпреварување.
Потоа низ годините следуваа уште многу други емисии во кои гости му беа најголемите ѕвезди од поранешна Југославија, бидејќи Драган беше голем пријател со многу од нив.
Така, прв гост во „Гурмански муабети“ беше една од најголемите ѕвезди во регионот, Здравко Чолиќ.
Но не само емисиите со кои многу генерации израснаа. Драган остави и голем белег во македонската музичката поп и фолк сцена.
„Каде и да одам“, „Твојте очи шараат“, „Ника, Ника, Марика“, „Кате мори Кате“ и многу други композиции се само дел од неговиот музички опус.
Драган Вучиќ важна улога има и како композитор на неколку македонски песни, а една од нив е легендарната „Свирете ја зајди зајди“, како и „Кажи ѕвездо“.
Вучиќ е композитор и на легендарната нумера „Ангели ме носат“.
Во 1990 година Вучиќ беше пејач во поп-фолк бендот „Кода“.
Малкумина знаат дека Драган соработуваше и со музичката легенда Горан Бреговиќ, на кого му свиреше гитара на дел од неговите албуми.
Исто така, Драган се потпиша и како автор на евровизиската песна „Make my day“ со која неговиот син Мартин Вучиќ нè претставуваше на Евросонг во 2005 година.
За Драган има уште многу да се каже, многу да се напише, но сигурни сме дека ќе остане легенда за која ќе се се памети и ќе се прераскажува многу долго.
Почивај во мир, голем човеку.