Протест во Иран по смртта на младата Иранка/ Фото Paul Zinken / AFP / Profimedia

Се приближува годишнината од убиството на Махса Амини, симболот на најголемите протести во Иран во понова историја

Владата на Иран предупреди дека нема да толерира знаци на нестабилност во моменти кога се приближува годишнината од смртта на Махса Амини и неколкумесечните протести што таа ги предизвика.

Амини, 22-годишна иранска Курдка, почина на 16 септември минатата година, откако беше приведена во Техеран поради наводно кршење на строгите исламски кодекси за облекување на жените. Нејзината смрт предизвика повеќемесечни протести ширум земјата под слоганот „Жена, живот, слобода“.

Стотици луѓе беа убиени во уличните судири, вклучително и десетици безбедносни сили, пред властите да го задушат, како што го нарекоа, бунт поттикнат од странски сили.

Една година подоцна, се уште не е јасно дали ќе се одржат најавените демонстрации за одбележувањето на годишнината од смртта на Амини во сабота, кога е и државен празник.

Иран протест/ Фото: Pedro PARDO / AFP / Profimedia

Претседателот Ебрахим Раиси го издаде предупредувањето во телевизиско интервју во вторникот. „Оние кои имаат намера да го злоупотребуваат името на Махса Амини под овој изговор, да бидат агенти на странци, да направат нестабилност во земјата, знаеме што ќе биде со нив“, рече тој.

Претходно беше најавено и дека безбедносните сили ќе бидат на готовност, како и дека разузнавачките и безбедносните служби ќе ги следат сите движења со цел да ги идентификуваат оние кои сакаат да излезат на улица. Минатата недела, иранските власти затвориле најмалку пет профили на социјалните мрежи и уапсиле шест лица кои ги отвориле под обвинение за организирање немири за годишнината.

Минатогодишниот бран протести се покажа како голем предизвик за иранската влада, која исто така е во расправија со западните сили кои и воведоа санкции поради нејзината нуклеарна програма.

„Ниту еден инцидент во историјата на Исламската Република не го подели системот и народот колку смртта на Махса Амини“, рече Фајаз Захед, професор по модерна историја.

Тој верува дека владата не може да зависи само од безбедносните сили и репресивните одговори за да го ограничи проблемот.

Протест пред Иранската амбасада во Лондон/ Фото Tayfun Salci/ZUMA Press Wire / SplashNews.com / Splash / Profimedia

Мохамад Садег Џавади-Хесар, реформски активист со седиште во североисточниот град Машхад, вели дека многу луѓе „се уште се трауматизирани од минатогодишните настани“. Покрај крвопролевањето, повеќемесечните протести доведоа и до апсење на илјадници луѓе.

Во февруари, иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, прогласи крај на немирите и пораз на „заговорот“ поттикнат од „непријателот“, со кој тој се осврнува на западните влади и иранските опозициски групи во егзил кои ги поддржаа демонстрациите.

Во понеделникот Хамнеи ги обвини Соединетите Држави, заколнатиот непријател на Техеран, дека имаат намера да ги искористат „прашањата за кои веруваат дека можат да предизвикаат криза во Иран“, вклучително и прашањето за жените.

Фото: EPA

Жените во Иран се обврзани да ги покриваат главите и вратот од револуцијата во 1979 година и се охрабруваат да носат скромна облека.

Иако минатогодишните протести стивнаа, многу Иранки, особено во главниот град Техеран, се повеќе им пркосат на строгите правила за облекување.

„Најзначајниот ефект што движењето Махсе Амини го имаше врз иранското општество е промената во општеството, кое стана пошарено и поживотно“, објасни Захед. „Женската облека значително се промени“, рече тој и додаде дека забележал поместување кон посветли бои.

Властите реагираа со инсталирање на камери за надзор на јавни места за следење на почитувањето на правилата и со затворање деловни простории што ги прекршуваат.

Иранскиот парламент расправаше за нацрт-закон со кој ќе се заострат казните за оние кои ги прекршуваат правилата за облекување. Но, не сите поддржуваат построги казни. Истакнатиот шиитски свештеник Големиот ајатолах Насер Макарем-Ширази рече дека се противи на употребата на „насилство и притисок“ за наметнување на обврската за хиџаб.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот