Сè повеќе неуспешни огласи за вработување во администрацијата, минималната плата ги прави непривлечни шалтерите и канцелариите
Она што се забележува и за што треба да се замислат актуелната, но и сите идни влади е фактот дека за младите воопшто не е атрактивно да се вработуваат во државната администрација или правосудството поради ниските плати и неможноста за унапредување, тврди Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ
Освен ниските плати, – младите бегаат од земјава и поради мобингот, безбедноста на работното место и непочитувањето на правата, оцени Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ на завршната Конференција на проектот „Нов поттик за младинско учество во синдикатите“.
Препорачано
-За жал овој проблем не е само синдикален, бидејќи веќе сите им е јасно дека ние како држава се соочуваме со одлив на млади луѓе кои во сè поголем број заминуваат да работат во земјите од ЕУ. Она што се забележува и за што треба да се замислат актуелната, но и сите идни влади е фактот дека за младите воопшто не е атрактивно да се вработуваат во државната администрација или правосудството поради ниските плати и неможноста за унапредување. Дека не зборуваме напамет, говори и фактот дека се соочуваме со голем број на неуспешни јавни огласи за вработување во државните органи. Конкретно ќе зборувам за судската администрација каде 95 отсто од колегите земаат минимална плата или нешто над неа. А за нејзиното подмладување веќе не е доволен ни минималецот од 450 евра, за кој допрва ќе се бориме – поентираше Деаноски.
Деаноски повикува што е можно побрзо да се склучи спогодба со Владата за во март конечно да заживее можноста платите во јавниот сектор да се пресметуваат според новата Методологија според просечната плата. ССМ не отстапува и од барањето за минималецот од 450 евра и нуди повеќе модалитети за нејзино зголемување, меѓу кои е и враќањето на трошоците за превоз и храна.
-Ако може една Босна и Херцеговина да го качи минималецот на 600 евра, тогаш зошто не би можело и кај нас. Тие тоа елегантно го изведоа со внесување на превозот и хранарината. Кај нас овие трошоци не се сменети уште од 2009-та и сега административците земаат по околу 2.600 денари, а оттогаш досега инфлацијата е сигурно зголемена за над 40 отсто – истакна Деаноски.