
Сè поради љубовта кон вкусните грицки: Kучињата можеби самите одлучиле да се припитомат
Научниците не знаат точно како волците станале припитомени во кучиња, но можно е тие самите да одбрале да станат припитомени или дека избрале да се движат наоколу и на крајот да живеат меѓу луѓето за практичноста на постојан извор на храна.
Препорачано
Слични теории веќе биле предложени, но ново истражување покажало дека е статистички многу веројатно дека волците сами го започнале своето припитомување преку природна селекција, пишува „Лајв саенс“.
Археолошките и генетските докази укажуваат на тоа дека кучињата потекнуваат од сивите волци и дека биле припитомени во два историски периода – првиот, пред 30.000 до 15.000 години, кога дивите волци се припитомиле во први кучиња, и вториот, од пред 15.000 години до денес, кога се појавила диференцијација на кучињата во различни раси.
Овие периоди на припитомување биле поттикнати од различни еволутивни сили, се наведува во новата студија.
Вториот период бил главно управуван од вештачка селекција – луѓето бирале помирни кучиња за лов и за друштво, намерно парејќи ги најмалку дивите единки, што на крај довело до создавање на домашните раси на кучиња.
Но, селекцискиот процес што довел до првиот период на припитомување е помалку јасен. Една од хипотезите е дека волците поминале низ „самоприпитомување“ откако праисториските животни почнале да се приближуваат до човечките населби во потрага по остатоци од храна.
На овој начин, тие постепено се навикнале на живот во близина на луѓето. Потокму тие потолерантни волци ја претпочитале постојаната храна наместо животот во дивината, а нивните потомци станале првите домашни кучиња.
Сличен процес се смета дека се случил и со припитомувањето на мачките. Истражувањата покажале дека предците на домашните мачки почнале да се приближуваат до луѓето пред околу 10.000 години. Тие потоа се навикнале на заемно корисен однос, во кој добивале храна во замена за уништување на штетници и глодари.
Научниците долго дебатираат за хипотезата на „самоприпитомување“. Една од критиките е дека природната селекција не би можела да се случи толку брзо без човечка интервенција.
Во нова студија, објавена во „Proceedings of the Royal Society“, научниците со помош на статистички модел успеале да создадат потенцијална временска линија за процесот на припитомување на волците.
Според моделот, природната селекција можела да доведе до развој на домашните кучиња во период од 15.000 години. Сепак, за ова да се случи, морале да бидат исполнети одредени услови.
Волците требало да започнат да престојуваат во близина на луѓето за да јадат остатоци и да избираат партнери со сличен темперамент.
„Кога женките барале мажјаци, требало да изберат оние што биле слични по питомост. Ако двата процеса се одвивале истовремено, тогаш самоприпитомувањето е сосема можно сценарио“, истакнува Алекс Капалди, математичар и статистичар од Универзитетот Џејмс Медисон во Вирџинија.