Протест во Аеродром против депонијата „Вардариште“ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Се буди граѓанскиот дух во Македонија – пет протести закажани за денес и утре

Граѓаните сè почесто се одлучуваат да го кренат гласот против уништувањето на природата за приватни интереси, но и против загадувањето, насилството и корупцијата кои ни ги уништуваат животите. За денес и утре се закажани дури пет протестни собири – во Скопје, Струга и во преспанското село Љубојно.

Попладнево, движењето „Ниту една повеќе“ ќе одржи уште еден протест против системското игнорирање на насилството врз жените, по бруталното убиство на 31-годишната Росица Коцева од Велес, која претходно со месеци трпела психички и физички терор, а полицијата и обвинителството не реагирале.

За утре, закажани се четири протести. Во Струга, граѓани од 14 до 15 часот ќе го блокираат кружниот тек на влезот во градот, во знак на револт против постојаното загадување од општинската депонија, која се наоѓа во Струшкото Поле, на само 500 метри од првите куќи во градот.

Во скопската населба Аеродром, од 7:30 утрото граѓаните и активистите кои се борат за решавање на дивата депонија „Вардариште“ ќе го блокираат мостот „Близнаци“ кој ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба. Од 18 часот ќе се одржи редовниот протест на иницијативата, која со недели одржува собири секој ден. Паралелно со ова, во 18 часот посебен протестен собир ќе започне и во Гази Баба, на крстосницата Термо-Рампа, кај железнички премин кон Маџари.

Во преспанското село Љубојно, пак, граѓаните исто така речиси месец и половина протестираат против соголувањето на шумата на ридот над селото од страна на ЈП „Национални шуми“, за кое велат дека е незаконско и неоправдано.

„Македонија не е депонии, рудници, пресушени реки и уништени шуми! Македонија е света земја“, пишуваат активистите од Зелена народна стража на социјалните мрежи, најавувајќи ги протестните собири.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот