
СДСМ за Кичево и за Струга ќе решава во „пет до дванаесет“
Карактеристика на претстојните локални избори е дека владините партнери ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ во некои општини ќе се поддржат уште во првиот изборен круг. Исто така, интересно е дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во некои општини со мнозинство албански гласачи нема да номинираат свои кандидати
Лидерот на СДСМ Венко Филипче до последен момент (утре, до 24 часот) кога истекува рокот за кандидатските листи за локалните избори, ќе калкулира дали во Кичево и во Струга ќе истрча со свои кандидати за градоначалници. Од евентуалниот пазар за заемна поддршка во некои општини со партиите на Албанците ќе зависи дали во Кичево и во Струга ќе имаат кандидати. Двата града „висат“, бидејќи нема договор меѓу базата и раководството.
Препорачано
За Кичево, дилемата на СДСМ е дали да одат со свој кандидат или да го поддржат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, лекарот Александар Јовановски, додека за Струга, битен им е „дил“ со партија од албанскиот блок – или ДУИ или Вреди, а за возврат да добијат поддршка на нивните кандидати во Куманово и во Крушево.
За Кочани, пак, Филипче и Мицкоски не се договорија да се обединат околу заеднички кандидат, по ужасната трагедија во дискотеката „Пулс“. Филипче, кој прв излезе со таков предлог и беше одбиен, за Кочани го номинира Игор Христов, претседателот на општинската организација на партијата. Мицкоски, пак, единствено за Кочани не номинира партиски кандидат, туку излезе со поддршка на натпартиски кандидат – лекарот Влатко Грозданов – и повика сите партии да ја поддржат неговата номинација.
Впечатливо е и дека СДСМ за градоначалник на Илинден го номинира поранешниот градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Жика Стојановски. Стојановски претходно четири мандати беше градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, а на минатите избори беше независен кандидат.
ЗНАМ на Максим Димитриевски остана само со две номинации за градоначалници, и тоа во Куманово и во Центар, иако се надеваше на поддршка од ВМРО-ДПМНЕ во четири или пет општини. Во Куманово, Димитриевски повторно ќе бара доверба од граѓаните, додека во Центар, ЗНАМ го кандидира заменик-министерот за енергетика Мирослав Лабудовиќ.
Карактеристика на претстојните локални избори е дека владините партнери ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ во некои општини ќе се поддржат уште во првиот изборен круг. Исто така, интересно е дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во некои општини со мнозинство албански гласачи нема да номинираат свои кандидати. Во општините, пак, со мешан етнички состав, како Кичево и Брвеница, ВМРО-ДПМНЕ ќе има кандидати, а исклучок е Струга, каде што уште во првиот круг ќе го поддржат независниот кандидат поддржан од Вреди Менди Ќира. Наспроти ова, Вреди ќе номинира кандидат за градоначалник на Скопје, а поддршка за Орце Ѓорѓиевски ќе испорача во вториот изборен круг.