Прес-конференција на Венко Филипче / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

СДСМ бара нула данок за основната храна

Имајќи предвид дека учеството на храната и на пијалакот во потрошувачката кошничка изнесува 23.000 денари, според Филипче, ефектите од сведување на ДДВ на нула проценти ќе донесе заштеда за граѓаните од 1.200 до 2.000 денари месечно

СДСМ вчера во Собранието поднесе Предлог-закон за измени на Законот за ДДВ со кој би немало данок за основните прехранбени производи што сега се оданочуваат со 5 проценти. Според претседателот на најголемата опозициска партија Венко Филипче, досегашните мерки на Владата не дале резултати, а се тактизира и со спроведувањето на Законот за нефер трговски практики. Тој најави и повторен предлог-закон за минимална плата од 450 евра.

Филипче вели дека ако се усвојат измените на законот за ДДВ, односно ако граѓаните не плаќаат данок за основната храна, тогаш граѓаните реално ќе заштедат од 1.200 до 2.000 денари.

– Во Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност се предвидува укинување на ДДВ-то за прехранбените производи, односно од 5% на нула проценти ДДВ, за сите основни производи за исхрана. Во предлогот се опфатени над 250 категории производи кои ќе бидат со нула проценти ДДВ. Имајќи предвид дека учеството на храната и пијалакот во потрошувачката кошничка изнесува 23.000 денари, според Филипче, ефектите од сведување на ДДВ на нула проценти ќе донесе заштеда за граѓаните од 1.200 до 2.000 денари месечно – рече Филипче и посочи дека пресметките се правени врз основа на синдикалната потрошувачката кошница за храна и пијалаци која изнесува 23.000 денари.

Филипче потенцираше дека оваа финансиска мерка не бара финансиски издатоци од буџетот и дека не може да биде изиграна од трговците.

– Да престанат да тактизираат и со Законот за нефер трговски практики. Со него се опфатени над 2.6000 земјоделски производи – рече Филипче.

Претседателот на СДСМ вели дека и понатаму остануваат на заложбата за минимална плата од 450 евра.

– Повторно ќе предложиме законски измени за зголемување на минималната плата во прифатлива форма за Собранието. Иако, тоа се двојни стандарди, она што за нас е неприфатлива форма, за нивните закони е прифатлива форма – реагираше Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот