Патници на Скопскиот аеродром ТАВ/ Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

СДК: Се расипа единствениот исправен радар на скопскиот аеродром

Се расипа единствениот исправен радар во Контролата на летање во Македонската навигација (М-НАВ) на Скопскиот аеродром, со што од вчераутро контролорите не можат да ги гледаат авионите на мала висина, кога слетуваат. Од двата радара, едниот врз Контролната кула, другиот во нејзина непосредна близина, во функција бил само вториот, кој сега се расипа – објави СДК.

Додека не се отстрани дефектот, односно додека не стигне делот од Италија, ќе мора контролорите да ги слетуваат авионите еден по еден. Ако се погоди истовремено и друг, трет авион за слетување, ќе мора да кружат малку на небо, додека не слета тој пред нив.

Информацијата за САКАМДАКАЖАМ.МК ја потврдил директорот на М-НАВ Владимир Ристески, кој кажал дека работата ќе си се одвива како и досега, само со побавно темпо и оти најважно е што нема никаков безбедносен ризик со слетувањето и со полетувањето на авионите на Скопскиот аеродром.

„М-НАВ располага со 3 радарски глави. Една покрај Охридскиот аеродром и 2 на Скопскиот аеродром. Едната на Скопскиот аеродром е во моментов со технички квар кој е детектиран и се работи на негово отклонување. Ваквите технички кварови од електронска природа се нормални појави во авијација и кога се случуваат има предвидено соодветни безбдносни процедури во работата со цел да се продолжи со давање на услуги кон авио-компаниите во такви околности. М-НАВ ги применува токму тие процедури и во моментов НЕМА НИКАКВО БЕЗБЕДНОСНО ВЛИЈАНИЕ врз одвивањето на воздушниот сообраќај на Скопскиот аеродром. Единствена промена е регулацијата на бројот на авиони кои можат да се опслужат на 1 час. Овие регулации ќе останат на сила се до отклонување на кварот на радарската глава. М-НАВ вонредно ги ангажира своите стручни лица со цел што побрзо враќање на радарската глава Алениа – Бањски Рид во употреба“, вели претседателот на УО на М-НАВ Владимир Ристески за СДК.

За разлика од Ристески, во М-НАВ велат дека за контролирање на авионите во големите височини, контролорите се служат со грчки и бугарски радар.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот