Трајче Кацаров на промоцијата на книгата во „Матица ексклузив“

Сатиричната проза со наслов „Часовничарот“ на Трајче Кацаров ги конзервира соништата

Промоција на книгата „Часовничарот“ од Трајче Кацаров на 15 април се одржа во „Матица ексклузив“. Новата прозна книга на Кацаров е објавена од „Панили“, а ја промовираа писателите Блаже Миневски и Христо Петрески.

– „Часовничарот“ го напишав поради срамот што ме јаде од соништата на мојот народ. Цел живот сонува за слободата на својата земја и за цицките на Европа. Сонува и само сонува без страв дека сонувањето може да му дојде до главата.

Часовничарот Иванчо, главниот лик во наративот, занаетот го наследил од својот татко, кој целиот свој работен и животен век го потрошил во одржување на Градскиот саат. Но, Иванчо своите егзистенционални планови не ги потчинува на времето на Градскиот саат. Поучен од побожните баба и дедовците воени дезертери, сѐ повеќе ја симнува капата пред сликите од соништата, отколку пред оние од јавето. Усилено се труди времето на јавето да го заменува за времето на сонот. На сонот гледа како на земјата Ханаанска.

Во сонувањето на славни, големи, луѓе со Божја промисла, го бара решението за сите неприлики што го облетуваат како жолти оси подготвени постојано за убод и загризување. Наместо да си плукне на дланките и да се фати за некоја работа, бара комотно легло каде што „лежи лебу да те јадам“ е стих од светата молитва. Сигурен е дека никаде другаде како во соништата не може да се ослободи од личната одговорност и долговите. Така станува човек што знае за што сонува, но не знае за што живее.

Во прозниот дискурс во кои доминираат кратките, директните реченици, подредени како стихови во песна, Француската револуција и царот Наполеон, измислувачот на конзервирањето и конзервите, се земаат како жртви на заблудите што ги носи плимата од соништа чии нечистотии се невидливи за „голо око“. Конзервирањето во наративот е проекција на остварена ситуација. Се конзервираат факти што изразуваат смисла.

Нараторот во романот вели: „Си помислив, секоја нација си има национално богатство. Богатство кое треба да го чува и да го пази. Да не дозволи ниту со војнички чизми, ниту, пак, со салонки чевли некој да го гази. Ако секоја, тогаш и ние си имаме национални вредности. Иако се евтини и брзо расипливи, со врвни светски конзерванси можеме да ги направиме трајни. Tрајни како: црната боја на Африканците, зимата на Русите, културата на Французите, завидлукот на Бугарите, лагите на Грците, ариевството на Германците, бомбите на Американците, нафтата на Арапите“.

Вредноста на Македонецот е во сонувањето. Како што тој знае да сонува, не може никој друг. Тоа е неговата ствар за конзервирање – самоанализира Трајче Кацаров.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 227, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот