
Сараево: Осудени се мајката и синот-монструми кои ја убија снаата, а телото сакаа да го сомелат во машина за месо
Мајка и син од Сараево, Леѓиба и Горан Равлиќ, се осудени на по 45 години затвор поради свирепото убиство на сопругата на Горан – 38-годишната Нермина, јави „Н1“.
Препорачано
Обвинителството ги товареше мајката и синот дека од средината на мај до 28 јуни минатата година, во стан во сараевската населба Пофалиќи, психички и физички ја малтретирале Нермина, а на крајот и ја убиле. Ѝ забранувале каква било комуникација со надворешниот свет, ѝ го уништиле мобилниот телефон и не ѝ дозволувале да излегува од станот.
„Ја изгладнувале, ја шишале, ѝ ја кубеле косата, ѝ ги врзувале рацете за да не може да пружи отпор. Сексуално ја злоставувале и ѝ нанеле повеќе од 100 повреди, меѓу кои каснувања, изгореници, фрактури и повреди во пределот на гениталиите. Од нанесените повреди починала“, пишува во обвинителниот акт.
Телото на жртвата со денови стоело во станот. За да прикријат миризбата, Горан и Леѓиба користеле освежувачи на воздух и мирисливи свеќи. Контактирале со третоосомничениот, Латиф Јашаревиќ, кој се согласил да им помогне во прикривањето на трагите.
По наредба на Леѓиба, Горан и Латиф во повеќе наврати купувале секира, пила, сет ножеви, пластични кутии со ладилници, патрони амонијак за преносни фрижидери, машина за мелење месо, лепливи ленти, кеси за ѓубре, заштитни ракавици и маски, како и средства за дезинфекција и чистење.
Планот бил телото да го расечат на парчиња и да го сомелат во машината за месо.
„Горан и сам призна дека машината за мелење месо не ја употребил бидејќи не знаел како се користи“, рече судијката на Кантоналниот суд во Сараево, Мелика Муртезиќ.
Горан, чијашто одбрана тврдеше дека тој е непресметлив поради тоа што боледува од шизофренија, не негираше дека ја убил сопругата, но тврдеше дека убиството не било планирано. На едно од рочиштата изјави и дека често ја тепал својата мајка.
„Бев убеден дека мајка ми го изневерува татко ми со соседите, кои сакаа да ме ослепат со киселина. Бев убеден дека еден сосед постојано е кај нас, се крие под масата, па со ламба го барав таму“, рече тој на едно од рочиштата.