
„Сапорт Кочани“ донираше медицинска опрема и суплементи на Клиниката за пластична хирургија во Скопје
Иницијативата „Сапорт Кочани“ донираше медицинска опрема и супламенти на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје, наменета за повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Препорачано
Донацијата вклучува 100 комплети T-LAB PRP KIT, 10 комплети EXOMINE SMART KIT, четири пакувања аминокиселини и четири пакувања протеини.
Вкупната вредност на донацијата изнесува 286.120 денари и е целосно обезбедена преку донации од хумани граѓани и компании, кои континуирано ја поддржуваат иницијативата „Сапорт Кочани“.
-Донираните материјални добра се наменети за третман и регенерација на кожата, забрзување на зараснување на рани и подобрување на заздравувањето кај пациентите со тешки повреди од изгореници. Нутритивната поддршка претставува дополнителна помош за јакнење на организмот во процесот на рехабилитација, информира „Сапорт Кочани“.
Оттаму додаваат дека медицинската опрема и суплементи се веќе доставени на Клиниката за пластична хирургија – Скопје, каде активно се користат во третманот на повредените. Тимот на „Сапорт Кочани“ ги посетил и пациентите кои сè уште се хоспитализирани на Клиниката и лично им изразиле поддршка и желби за побрзо закрепнување.
-Продолжуваме со фокусирана, директна и одговорна поддршка за секој поединец кој е засегнат од трагедијата. Оваа соработка со една од клучните здравствени установи во државата претставува важен чекор во обезбедувањето на стручна медицинска нега. Искрено им благодариме на сите хумани граѓани, компании и поддржувачи – токму тие ја направија оваа помош возможна, истакнуваат од „Сапорт Кочани“.
Од оваа иницијатива нагласуваат дека остануваат посветени на „транспарентност, партнерство со институциите и долгорочна грижа за сите погодени лица“.