Санае Такаичи / Фото: EPA/KIM KYUNG-HOON / POOL

Санае Такаичи ќе стане прва жена премиер на Јапонија

Поранешната министерка за економска безбедност на Јапонија, Санае Такаичи, победи во вториот круг од изборите за лидер на владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП) и се очекува наскоро да стане првата жена премиер во историјата на земјата.

Такаичи (64), позната по своите ултраконзервативни ставови и тврдокорен пристап кон миграцијата, го победи министерот за земјоделство Шинџиро Коизуми, откако ниту еден од петте кандидати не освои мнозинство во првиот круг на гласањето, објави „Ројтерс“.

По победата, Такаичи изјави дека нејзиното избирање означува „нова ера на ЛДП“ и дека ќе работи на тоа да ја „претвори вознемиреноста во надеж“ за граѓаните.

Победникот на партиските избори ќе го замени досегашниот лидер Шигеру Ишиба, кој поднесе оставка откако владејачкиот блок го загуби мнозинството во Домот на советници во јули. Поради тоа, ЛДП ќе мора да соработува со опозициските партии за донесување на клучните одлуки.

Парламентарното гласање за нов премиер е закажано за 15 октомври, а според очекувањата, Такаичи ќе ја преземе функцијата бидејќи ЛДП во коалиција со Комеито сè уште е најсилната политичка сила во парламентот.

Новата лидерка ќе се соочи со сериозни предизвици, како што се зголемувањето на цените, потребата од политичка стабилност и соработка со опозицијата, како и подготовката за можен самит со американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговата посета на самитот на АПЕК во Јужна Кореја кон крајот на октомври.

До крајот на годината, Такаичи ќе има полн дипломатски календар, очекува да учествува на самитите на АСЕАН во Малезија, на АПЕК во Јужна Кореја, а на 22 ноември и на самитот на Г20 во Јужна Африка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот