
Самостојната изложба „Пловидба“ на Александра Ацеска го истражува патот на животот преку водата
Центарот за современи уметности – Скопје организира промоција на уметничка книга и отворање на самостојна изложба со заеднички наслов „Пловидба“ (Flow) на уметницата Александра Ацеска. Настанот ќе се одржи на 26 јули, со почеток во 18 часот, во Мобилната / Монтажна галерија (локација: Парк на Франкофонијата).
Препорачано
Во рамките на промоцијата на уметничката книга ќе се одржи разговор помеѓу Александра Ацеска, Филип Димкоски и Иван Ивановски. Настанот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам на РСМ и Општина Центар.
Во белешката на уметницата стои дека проектот го истражува патот на животот преку водата. Проектот е составен од уметнички дела, како и уметничка книга која се состои од неколку приказни инспирирани од искуството на уметницата во Кина и четири жени чии патишта се спојуваат и разидуваат, во периоди на промени, интроспекции и созревање.
„Пловидба“ ја следи филозофијата дека животот, како водата, е постојана промена. Тоа е потсетник дека отпорноста, радоста и рамнотежата не се дестинации – туку текови што ги учиме.
Авторката Александра Ацеcка (1994, Прилеп) живее и работи во Фошан, Кина. Дипломирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство и графички дизајн, во 2017 година, додека во 2023 година магистрира на сликарство, исто така, на ФЛУ – Скопје.