
Самостојна изложба на Димитрие Дурацовски: Осамен, но интелектуално љубопитен творец
Националната галерија го најави отворањето на самостојната изложба „Ветар параклет“ на Димитрие Дурацовски, која ќе биде поставена од 1 до 21 септември во Чифте амам во Скопје.
Препорачано
Творештвото на Димитрие Дурацовски може да се одбележи како метафизичко и во исто време концептуално и имајќи го предвид времето во кое што почнува да твори (1973) и кога неофицијално престанува со сликарството (1987), може да се каже дека тој е творец предвесник на современиот концептуален ликовен израз во Македонија.
Како автор е познат и во доменот на ликовното творештво и во областа на пишаниот збор. Димитрие Дурацовски, како сликар уметник, речиси четири децении не е претставен пред публиката, меѓутоа неговата особеност во ликовниот израз е предмет на анализа во повеќе студии и литература за теоријата на ликовната уметност.
– Димитрие Дурацовски како автор е необична појава во современата македонска уметност. Тој е осамен, но интелектуално љубопитен творец кој живее и работи во Струга. Во стремежот да формира целосна визија за светот ги користи изразните средства и можности на сликарството, цртежот и пишаниот збор. Основната тема ја наоѓа во свртеноста и испитувањето на таинствените простори на човечкиот дух, каде неретко се допираат или бришат границите помеѓу реалното и фантастичното, можното и неможното, рациото и ирациото… Мислата е првата и внатрешно осмислувачка содржина на неговите дела, која на некој начин ги дообликува ликовните визии во нашата свест… Неговите цртежи комбинирани со текстови, прибелешки, теоретски и литерарни разгледувања, упатуваат на користење на одредени елементи, методи и сознанија од надреализмот и психоанализата. Останува впечатокот за недореченоста на македонската критика за овој автор, со чувство дека нешто се крие зад она што го гледаме и читаме во неговите дела. Тоа претчувствување и таинственост е, можеби, најзначајното во процесот на создавање, па така преку оваа изложба за првпат во целост ќе биде презентирано пред македонската јавност – истакнуваат од Националната галерија.

Димитрие Дурацовски е современ македонски писател и сликар. Роден е на 15 февруари 1952 година во Струга, каде што завршил основно образование. Школа за применети уметности, сликарски отсек, завршил во Скопје, во 1975 година, во класата на проф. Родољуб Анастасов. Во 1977 година се вработил во Галеријата „Вангел Коџоман“ во Струга. Од 1982 работи во Народниот музеј во Струга, кога Галеријата се припојува кон Музејот.
Во текот на изминатите години раководи со Галеријата „Вангел Коџоман“, во која се сместени сликите од постојаната поставка „Струга во минатото“, а истовремено го води и Одделението за современа уметност на Народниот музеј, организирајќи и поставувајќи повеќе од 150 самостојни и групни изложби на повеќемина значајни ликовни уметници од Македонија, од Југославија и од светот.

Во текот на изминатите години реализирал повеќе самостојни изложби во Суботица, Струга, Охрид, Нови Сад и Скопје, а бил застапуван и на повеќе колективни изложби. Бил припадник на литературната група „Петти круг“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година. Добитник е на државната награда „11 Октомври“ за животно дело во 2019 година.
Куратор на изложбата „Ветар параклет“ на Димитрие Дурацовски во Чифте амам е Горанчо Ѓоргиевски, кустос во Националната галерија.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 193, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-28.8.2023)