
Само жени по третпат ќе се качуваат на Титов Врв за да ја подигнат свеста за ракот на дојката
Националниот парк „Шар Планина“ го организира третото традиционално искачување на највисокиот врв на Шара – Титов Врв, акција која е наменета само за жени-учеснички, со цел да се даде поддршка на жените кои се соочуваат со рак на дојка. Искачувањето ќе биде на 4 октомври (сабота), а почетна точка е паркингот на Попова Шапка на 1.700 метри надморска височина.
Препорачано
-Дојдете заедно да врземе розева панделка во знак на поддршка за сите жени кои се соочуваат и храбро се борат против ракот на дојката. Со оваа акција даваме поддршка на жените кои се на било кој начин најдени пред предизвикот да се совлада оваа болест, поттикнуваме создавање здрави навики и физичка активност, го негуваме менталното здравје и силата што ја носи престојот во природата, испраќаме порака дека не сме сами во борбата – заедно сме посилни, се вели во повикот од НП „Шар Планина“.
По поаѓањето од големиот паркинг на Попова Шапка, предвидено е движење кон планинскиот објект „Конак“ и потоа по летната „Вакавска“ патека искачување до највисокиот врв на Шар Планина – Титов Врв на 2747 мнв. Враќањето ќе биде по истата патека која има вкупна должина од 21 километар. За оваа планинарска активност задолжително е пријавување на заинтересираните учеснички кај Сибел Јакуповиќ (070 220 246).