Фото: Tanapong Sungkaew / Alamy / Alamy / Profimedia

Сакате да дознаете кога ќе умрете? Вештачката интелигенција може да ви даде одговор на тоа прашање со 78 отсто точност

Научниците развија алгоритам кој користи информации од настаните во животот на една личност, за да предвиди како таа личност ќе живее и кога ќе умре.

Новата студија покажува дека моделот наречен „лајв2век“ (life2vec) е точен во 78 отсто од случаите, што е сличен резултат постигнат од други алгоритми за предвидување на текот на животот на луѓето.

Но, за разлика од другите модели, овој работи како четбот и користи постоечки детали за да го предвиди текот на нечиј живот, пишува „Дејли мејл“.

Моделот го создадоа американски и дански научници кои го „тренираа“ алгоритамот на огромна база на податоци од Данска, додавајќи секакви информации за повеќе од шест милиони луѓе, вклучувајќи приход, професија, место на живеење, можни повреди и историја на бременост.

Крајниот резултат е модел кој може да обработи едноставен јазик и да ја предвиди веројатноста за нечија прерана смрт или да предвиди нечиј животен приход.

Некои од факторите кои можат да доведат до прерана смрт вклучуваат да се биде маж, да имате нарушено ментално здравје или да се занимавате со одредена професија. Од друга страна, ако имате поголеми приходи или имате лидерска улога во вашиот живот, тоа значи дека најверојатно ќе живеете подолго.

Гледајќи го секој дел од вашиот живот како да се зборови во реченица, моделот „лајв2век“ (life2vec) предвидува како ќе продолжи нечија приказна врз основа на она што човекот го напишал.

Исто како што корисниците на „Четџипити“ бараат од алгоритмот да напише песна или есеј, така и научниците можат да му постават едноставни прашања на алгоритмот „лајв2век“ како на пример, „дали ќе умрат во рок од четири години?“

Моделот користел податоци собрани помеѓу 2008 и 2016 година, а во три четвртини од случаите покажал точно кој починал до 2020 година.

Меѓутоа, за да се заштитат личните податоци на луѓето чии податоци се користени за обука на системот, тие не се достапни за пошироката јавност или компаниите, рече водачот на истражувањето Суне Леман.

„Ние активно работиме на изнаоѓање начини да споделиме некои од резултатите, но ова бара дополнително истражување за тоа како да се гарантира приватноста на луѓето во студијата“, рече Леман, професор по вмрежување и сложени системи на Техничкиот универзитет во Данска.

Дури и кога моделот е конечно достапен за јавноста, данските закони за приватност би го оневозможиле користењето на овој модел со вештачка интелигенција, за донесување одлуки за поединци – како што е земање полиси за осигурување или донесување одлуки за вработување.

Леман и неговиот тим доделија различни токени на секоја информација и сите овие податоци беа мапирани едни со други. Категориите во животните приказни на луѓето предизвикуваат цела низа човечки искуства: скршената рака е претставена како С52; Работата во продавницата е шифрирана како ИНД4726, приходот е претставен со 100 различни дигитални токени.

Она што го прави овој алгоритам е мапирање на огромната констелација на фактори кои го сочинуваат животот на поединецот и прави предвидувања врз основа на податоци од милиони други луѓе и многу други фактори. Алгоритмот може да прави и предвидувања за личностите на луѓето.

Тестот бара од испитаниците да оценат 10 ставки врз основа на тоа колку се согласуваат, а некои примерни прашања се: „Првата работа што секогаш ја правам на ново место е да се дружам“ или „Ретко го кажувам моето мислење на групните состаноци“.

Леман рече дека е важно да се забележи дека сите податоци се од Данска, така што овие предвидувања можеби нема да важат за луѓето што живеат на друго место – освен фактот дека повеќето луѓе веројатно навистина не сакаат да знаат кога ќе умрат.

„Моделот отвора важни позитивни и негативни перспективи за дискусија и креирање политики. Технолошките компании веќе денес користат слични технологии за предвидување на животни настани и човечко однесување, така што нашето однесување на социјалните мрежи се следи, тие прецизно нè профилираат и ги користат овие профили за да го предвидат нашето однесување и да влијаат на нас. Дебатата за ова мора да биде дел од демократски разговор за да размислиме каде нè носи технологијата и дали тоа е развојот што навистина го сакаме“, рече Леман.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот