
САД се на критична точка: Неизвесни последици за економијата и милиони федерални службеници
Соединетите Американски Држави се на работ на ново „затворање на владата“, поради продлабочувањето на политичката парализа во Вашингтон, што може сериозно да ги погоди повеќе од два милиони федерални службеници. Доколку Конгресот не постигне договор за финансирање во последен момент, блокадата би можела да започне веќе од среда, со неизвесни последици за економијата и јавните услуги.
Препорачано
Тековниот годишен буџет истекува денеска, а новиот буџет за фискалната 2026 година треба да ги покрие трошоците до 30 септември 2026 година. Одредени расходи, како социјалното осигурување, контрола на воздушниот сообраќај и војската, имаат задолжителен статус и автоматски продолжуваат, додека другите дискрециони расходи, кои сочинуваат 27% од вкупните трошоци на федералната влада, мора да се одобрат секоја година. Ако законите за апропријации не се усвојат, несуштинските јавни услуги се суспендираат, а вработените на овие позиции се испраќаат на принуден неплатен одмор, пишува Еуроњуз.
Во Претставничкиот дом, републиканците имаат апсолутно мнозинство, додека во Сенатот се потребни гласови од најмалку седум демократски сенатори за усвојување на привремена резолуција за продолжување на финансирањето. Демократите ја условуваат својата поддршка со зачувување на даночни кредити и социјални трошоци, додека републиканците ги отфрлаат овие барања, што создава сериозни препреки за постигнување договор.
Економските последици од можната блокада се значајни. Секој пад на јавните расходи може да го намали реалниот квартален БДП помеѓу 0,1 и 0,3 проценти, додека блокада од еден месец би можела да го намали БДП за 0,5 до 1,5 проценти. Владините службеници кои работат на несуштински позиции би биле испратени на неплатен одмор, додека оние на критични позиции би продолжиле да работат, но без плата додека трае блокадата. Овој прекин, исто така, би го погодиел приватниот сектор, бидејќи многу компании се зависни од исплатите од владата и може да се соочат со финансиски потешкотии, па дури и банкрот.
Дополнително, блокадата би можела да влијае и на финансиските пазари. Каматните стапки на американските државни обврзници би се зголемиле, зголемувајќи ги трошоците за кредитирање, вклучително и за станбените кредити. Националната програма за осигурување од поплави, која покрива половина од полисите за поплави во САД, исто така би била затворена, што би ја влошило ситуацијата на пазарот на недвижности.
Во случај на подолга блокада, Владата би била ограничена во обезбедувањето статистички податоци кои се клучни за инвеститорите и Федералните резерви за донесување одлуки за монетарната политика. Недостигот на овие информации, во комбинација со повисоки каматни стапки и намалена економска активност, би можел да предизвика пад на цените на акциите и дополнително да ја влоши економската неизвесност.
Аналитичарите предупредуваат дека Соединетите Американски Држави се на критична точка и дека политичката непопустливост може да донесе сериозни финансиски и социјални последици ако Конгресот не успее да обезбеди договор за финансирање.