Ружа Игнатова / Фото колаж на СП

Ружа Игњатова – и жива и мртва, мистериозна судбината на криптокралицата

Неколку сценарија за судбината на криптокралицата Ружа Игњатова со години се во игра, а во средата Стејт департментот објави дека ја зголемува наградата од 250.000 долари на 5 милиони долари за информации што ќе доведат до апсење на една од 10-те најбарани жени на ФБИ. Бугарската милијардерка со германско државјанство, Игњатова, исчезна без трага во 2017 година откако со авион на Рајанер од Софија долета во Атина.

Таа се бара за веројатно најголемата измама на сите времиња, од која добила повеќе од 4,2 милијарди долари, при што во нејзината пирамидална шема паднаа милиони луѓе од целиот свет од бизнис-магнати, членови на кралски семејства, до обични граѓани кои инвестирале во неа сѐ што имале и немале.

Игњатова ја создаде круптовалутата OneCoin, со амбиција да го замени биткоинот и тоа беше провокација милиони луѓе да наседнат на нејзината вешто скроена измама додека таа купуваше скап имот во Бугарија, влегуваше во нафтениот бизнис преку компанија во САД сѐ додека американските власти не сфатија дека нејзината криптовалута не се базира на „блокчејн“, туку е само измислена.

Поради измамата на која паднаа и тешки криминалци, многу е веројатно дека платила со глава токму од оние со кои се сплеткала за да ја заштитат. Една теорија е дека е убиена на јахта на Крф.

Во септември 2019 година, Би-би-си почна да ја раскажува неверојатната приказна за Ружа Игнатова и нејзините блиски врски со шефот на бугарската мафија – Таки, по потекло Грк и тврдењата, првпат објавени од Бирото за истражувачко известување и податоци (БИРД), дека таа била брутално убиена. Дали криптокралицата уживаше во украдените милијарди или беше убиена од истите луѓе кои беа платени да ја заштитат? Новинарот на БИРД, Димитар Стојанов, се вклучи во истрагата на Би-би-си и работи на терен во Бугарија.

Истражувањето на Би-би-си

Ричард Рајнхард, кој ја започна истрагата за OneCoin за американската служба за внатрешни приходи заедно со ФБИ, изјави за Би-би-си за клучниот лик што истражителите никогаш претходно не го откриле јавно. Станува збор за Кристофор Никос Аманатидис – Таки.

Според него, тој бил наводно голем шверцер на дрога задолжен за нејзиното физичко обезбедување.

– Имаме докази дека еден многу значаен, ако не и најважниот, трговец со дрога во Бугарија бил тесно поврзан со OneCoin – тој служел како (телохранител на Ружа Игњатова) – рече помошникот обвинител.

Тоа беше истиот „шеф за безбедност“ за кој друг адвокат на американската влада рече дека бил „вклучен во исчезнувањето“ на г-ѓа Игнатова пред судот еден ден претходно.

Оваа теорија се чини дека е поддржана од протечените документи на Европол, видени од Би-би-си, кои покажуваат дека пред да исчезне Ружа Игњатова во 2017 година, бугарската полиција нашла врски меѓу неа и Таки. Полициските документи велат дека Таки ја користел финансиската мрежа на OneCoin за перење профит од трговија со дрога.

Во неговата родна Бугарија, Таки има речиси митски статус – како Ел Чапо или Пабло Ескобар. Тој е широко осомничен дека е шеф на бугарска организирана криминална група за трговија со дрога. Тој и неговите соучесници беа под истрага во Бугарија за вооружен грабеж, трговија со дрога и убиства, но Аманатидис никогаш не беше успешно осуден за ништо.

– Кога зборуваме за Таки, тој е шеф на мафијата во Бугарија. Тој е исклучително моќен – вели поранешниот бугарски заменик-министер Иван Христанов, кој во 2022 година ги истражуваше наводите дека Таки водел криминална мрежа со помош на корумпирани функционери – и верува дека го сторил тоа.

„Таки е дух. Никогаш нема да го видите. За него само ќе слушнете. Тој ви зборува преку други луѓе. Ако не слушате, едноставно исчезнувате од лицето на земјата“.

Се верува дека Таки сега живее во Дубаи, каде што Ружа Игњатова купи луксузен пентхаус и каде што нејзините банкарски сметки „добија“ десетици милиони долари од измамата со OneCoin. Иако не е познато како Таки и Игњатова се запознале, ниту дали бил поврзан со OneCoin од почетокот, повеќе извори велат дека тие имале блиски лични односи и дека тој бил кум на нејзината ќерка.

Бугарски извор близок до Ружа Игњатова изјави за Би-би-си дека таа можеби му плаќала на Таки до 100.000 евра месечно за заштита. Се чини дека има и други финансиски врски меѓу Игњатова и Таки. Во документите на Европол се споменува комплексен договор за продажба на парцела на брегот на Црното Море во Бугарија, која поврзува една од компаниите на Ружа Игњатова со сопругата на Таки, Борјана Шехтова.

Убиена од бугарската мафија

Во 2022 година, бугарскиот истражувачки новинар Димитар Стојанов и неговите колеги од истражувачката информативна платформа Бирд.бг добија полициски извештај кој беше пронајден во домот на убиен бугарски полицаец. Во документот, полициски доушник опишува како го слушнал шурата на Таки (Георги Василев), кој во пијана состојба рекол дека Ружа Игњатова била убиена по наредба на Таки на крајот на 2018 година, а нејзиното тело било распарчено и фрлено од јахта во Јонското Море.

Димитар Стојанов за Би-би-си вели дека ова тврдење е „многу, многу можно“. Автентичноста на полицискиот документ беше потврдена од бугарски официјални лица, а неколку криминални соработници на Таки веруваат дека теоријата за убиството е точна, вели Стојанов.

Образложението на соработниците е дека бараната Ружа Игњатова станала ризик за Таки, бидејќи сакала да ги елиминира нејзините врски со измамата со OneCoin. Меѓу нив е и Красимир Каменов, познат како Куро, кој Интерпол го бара под обвинение за убиство. Димитар Стојанов вели дека Куро му рекол дека го слушнал Таки како разговара за нивниот заеднички криминален бизнис пред Ружа Игњатова, а кога Куро го прашал дали треба да го направи тоа, Таки одговорил: „Не мисли на неа, неа ја нема“.

Куро, исто така, тврдеше дека разговарал со ЦИА за Таки, вклучувајќи го и тврдењето дека Таки го наредил убиството на Игњатова.

Извори блиски до Куро потврдија за Би-би-си дека оваа средба се одржала кон крајот на 2022 година.

Во мај 2023 година, Куро беше убиен во неговиот дом во Кејптаун, заедно со неговата сопруга и уште двајца кои работеа за него. Јужноафриканската полиција сѐ уште трага по убијците. Каменов, добро котирал во бугарското подземје како соработник на „кралот на кокаинот“ од 90-тите, а неколку дена пред убиството бил обвинет од шефот на софиското обвинителство Иван Гешев за убиството на Иванов. Каменов, наводно, неколку дена претходно се договорил со ФБИ да ги предаде „критичните информации за судбината на Ружа Игњатова“. По повод случајот со Игњатова, Куро истовремено би давал информации за бугарската мафија и корумпираната елита во земјата, како и за нарко-бизнисите, нелегалниот увоз на храна во ЕУ, како и легитимните бизниси што ги користи мафијата за перење на пари.

Во исто време, софискиот јавен обвинител Иван Гешев јавно го обвини Каменов за заговор со новинари и други актери против него и Министерството за внатрешни работи на земјата. Обвинителот беше „бомбардиран“ на први мај 2023 година од воено беспилотно летало надвор од Софија, но избега бидејќи неговиот блиндиран автомобил претрпе многу мала штета.

Бугарската независна новинарска мрежа Бирото за истражувачко известување и податоци (БИРД) тврди дека сите горенаведени се поврзани. Тој открива дека Куро бил доушникот кој дал информации за убиството на „кралицата на криптовалутите“ и дека ќе им ги достави сите докази на американските власти. И дека јавниот обвинител го открил името на свиркачот, „осудувајќи“ го на смрт.

Според некои други, Каменов знаел дека наградата на ФБИ за Игњатова ќе скокне на 5 милиони долари (од 100.000, а потоа и 250.000 долари) и се пазарел со Американците за да ја добие наградата, а во исто време пребегал во САД и се приклучил на програмата за заштита на сведоци. За ова наводно дознал поранешниот началник Иванов и ѝ открил на бугарската мафија, при што Каменов наредил да го убијат како одмазда или да го фатат пред да проговори.

Во друг документ стои дека шефот на бугарскиот Оддел за убиства, Михаил Наумов, отишол на патување за задоволство во Куба со трошоци што ги платил мафијашкиот бос и дека се обврзал да отвори чадор за заштита на криминалната мрежа за прикривање на убиството на Игнатова. Меѓутоа, бугарските обвинители ја оценија информацијата на доушникот со кодно име „АИ“ за правно невалидна и неприменлива. Посебно врз основа на фактот дека убиениот поранешен полициски началник во минатото бил осуден за корупција.

Верзија дека Ружа е жива

И покрај тоа што со сета сериозност се разгледува сценариото дека бугарската мафија ја погубила Игњатова, сега, посебно откако ФБИ точно по две години ја зголеми наградата на 5 милиони долари, многумина веруваат дека таа сѐ уште е жива и ужива во украдените милијарди.

Не случајно, САД нудат една од најголемите награди во својата историја. ФБИ ги става бегалците на својата листа на најбарани кога верува дека граѓаните можеби ќе можат да помогнат во нивното лоцирање. Поголеми награди во последниве години беа понудени само за Садам Хусеин (30 милиони долари) и за озлогласените терористи – наследникот на Осама бин Ладен во Ал Каеда, Ајман ал Завахри (25 милиони долари, колку и Осама), пакистанскиот терорист кој го организираше масакрот во 2008 година во Мумбаи, Хафиз Мохамед Саид (10 милиони долари), водачот на ИСИС Абу Бакр ал-Багдади (10 милиони долари), додека забележливо е дека понудил помала сума за мексиканскиот нарко бос Хоакин „Ел Чапо“ Гузман (3,5 милиони долари).

На 12 октомври 2017 година, Игњатова беше изведена пред Окружниот суд на САД за јужниот округ во Њујорк и обвинета за заговор за извршување измама и перење пари. Две недели по обвинението, Игњатова отпатува од Софија, а оттаму слета во Атина, за да избегне апсење и оттогаш е во бегство. Во февруари 2018 година беше издадено дополнително обвинение со кое се товари за дополнително кривично дело – здружение за измама со хартии од вредност. Во 2022 година таа беше додадена на листата на десетте најбарани бегалци на ФБИ. Германија, исто така, поднесе кривична пријава против Игњатова за нејзината улога во транснационалната шема за измама.

Тоа што ФБИ не ја прифаќа верзијата за нејзиното убиство туку напротив ја зголеми наградата, ја подгрева верзијата дека сѐ уште е жива. Според оваа верзија, таа побегнала во Грција каде што направила пластична операција за целосно да го промени изгледот и користи дел од украдените пари за луксузен живот како друго лице.

Според извор на ФБИ, Игњатова сега живее во Дубаи со поинаков идентитет и изглед. Ова сценарио е засилено со овогодинешното протекување на податоци „Dubai Unlocked“, добиено од норвешкиот медиум E24 и истражувачки конзорциум OCCRP, кои идентификуваа огромни суми на пари кои OneCoin ги префрла во Дубаи.

Поседува повеќе биткоини од ФБИ, „Тесла“…

Инаку, Игњатова е родена во Бугарија и израсната во Германија, па поседува и германско државјанство. Својата „кариера“ ја започнала во 2014 година со идеја да го собори биткоинот заменувајќи го со сопствена валута OneCoin, тврдејќи дека ќе стане најголемата дигитална валута во светот. Студирала на Оксфорд, докторирала право и го рекламирала својот производ со спектакуларни настани. Таа зборуваше на конференции од Франкфурт до Куала Лумпур, облечена во скапи наметки.

Не стануваше збор само за криптовалута, туку таа функционираше и како пазар кој дури им даваше провизија на оние кои донеле нови членови. Жртвите на шемата даваа редовни пари, добиваа OneCoins и ветување дека ќе можат да ги откупат.

На крајот, сето тоа се покажа како измама со Понзи шема: OneCoin не беше ни базиран на „блокчејн“, тоа беше само фонд со пари на инвеститорите директно во џебот на Игњатова.

Во меѓувреме таа живеела раскошен живот, поминувајќи го своето време меѓу Дубаи, Сингапур и Макао. Во исто време, купила имоти вредни милиони во Софија и Созопол.

Кога дојде време да се објасни што се случи со OneCoin на состанокот во Лисабон во октомври 2017 година, криптокралицата исчезна и оттогаш не е видена.

Според судските документи во рацете на ФБИ и Европол, Игњатова преку зделки со моќни политички и финансиски актери кои паднале во нејзината мрежа во претходните години, наводно додала во своето портфолиогигантска бројка од 230.000 биткоини. Овие, врз основа на денешната цена на водечката криптовалута по обем и вредност, вредат 14,7 милијарди евра. Дури и при падот на цената, нивната вредност достигна нешто помалку од 5 милијарди долари. И ако таа ги држи до денес, под претпоставка дека повторно не купила други криптовалути, таа е вториот најголем сопственик на биткоини на планетата.

Сепак, се поставува уште едно прашање: она за солвентноста на биткоинот, со оглед на тоа што – ако Игњатова сè уште го поседува овој број криптовалути, тогаш еден од десетте најголеми „паричници“ во светот, а всушност втор по големина, е нејзин. Теоретски, криптокралицата поседува повеќе биткоини од самото ФБИ, кое има 144.000 биткоини од заплени, (на пример од основачот на „Silk Road“), од бугарската држава (на пазарот има инвестирано околу 200.000 биткоини), „Тесла“, „Winklevos“, дури и од основачот на најголемата светска размена на криптовалути „Coinbase“.

Инаку, братот на Ружа, Константин Игњатов отсекогаш соработувал со американските власти и не ги криел од нив начините на функционирање на финансиската пирамида. Поради целосните признанија што ги дал, Константин бил осуден на само три години затвор. Ваквите мали казни се исклучок во САД, особено кога станува збор за финансиски криминал од оваа големина. Тој сега живее скромен живот во Софија и има обична работа.

Каде се крие бугарската крипто кралица – Ружа со променет изглед плови на јахта на Медитеранот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот