
Руската пропаганда меѓу паранојата, лажните вести и популизмот
Година и половина од почетокот на руската инвазија во Украина, сведоци сме на војна која се води на повеќе фронтови. Историјата е полна со примери на војни која се водела на повеќе фронтови, но онаа во Украина е специфична по многу нешта а таа е големата загуба на човечките животи на двете страни но и војувањето со дезинфорамциите и лажните вести на медиумите и социјалните мрежи.
Препорачано
Иако обемот на руски дезинформации во изминатите месеци на војување не може квантитативно да се измери, експертите на тематиката се согласуваат дека зголемен е интензитетот и начинот на ширење на дезинформации е особено тврдокорен, и тоа не само од почетокот на војната, е тоа дека НАТО ѝ се заканува на Русија, дури и оти сака да ја заземе па токму инвазијата врз Украина е превентивен воен одговор.
Објавувањето на лажни вести и дезинформации се чини дека е составен дел од „бојата“ на воените битки во Украина особено по почетокот на контраофанзивата, типични примери за тоа се неодамнешните случаи со дроновиот напад врз Кремљ од украинските сили за кои се тврди од Москва дека е оркестриран од САД и нападот на браната Велика Краховка за кој Киев ја обвини Русија. Она што е интересно и ги поврзува овие случаи е дека вината за состојбите секогаш се префрла кон соперникот а истовремено преку медиумите жртви во настаните се секогаш домашните сили.
Пет наративи на руската медиумска „машинерија“ кои се најпопуларни во медиумите
Токму овие наративи неодамна ги објави и „The Fix Foundation“ Европската служба за надворешна акција кој се однесува на манипулација со странски информации.
Како што пренесува Гласот на Америка фондацијата во својот извештај наведува дека со години Русија ги мобилизира ресурсите со кои располага за да ја дискредитира Украина и другите непријатели, и преку медиумите во Русија и во странство, ги сумираше главните точки во извештајот. Фондацијата посочува дека руската пропаганда има неколку цели на кои се фокусира. Анализата ги дели целите на пропагандата во три групи: земји, организации и поединци. Очекувано, најчести се Украина, украинскиот претседател Володимир Зеленски, украинската влада, Вооружените сили на Украина и украинските сојузници, како што се Европската унија и меѓународните институции, како НАТО. Извештајот утврди пет од најпопуларните наративи на руската пропаганда:
1. Западот е агресор кон Русија
Согласно овој наратив, Западот е одговорен за растечката тензија меѓу Русија и Украина, профитирајќи од војната, и е главната причина зошто инвазијата продолжува.
2. Украина е агресор кон Русија
За разлика од претходниот, овој наратив ја прикажува Украина како главен антагонист и провокатор. Русија ги обвинува Украинците дека предизвикуваат и сакаат војна, дека извршиле воени злосторства и имаат намера да употребат хемиско и нуклеарно оружје. Откако владата во Украина се смени во 2014 година, Русија постојано изјавуваше дека претседателските избори се нелегални и ја именуваше владата на Украина како „Киевски режим“. Руските медиуми ја искористија оваа агенда во своите пораки за да ја демонизираат Украина. (На пример, рускиот медиум Украина.ру објави напис „Режимот на Киев сака да предизвика војна меѓу Русија и НАТО“.) На тој начин Украина се демонстрира како агресор, а руските дејствија се само оправдан одговор.
3. Санкциите против Русија даваат контраефект
Тоа е руска манипулација околу тоа како санкциите имаат влијание врз западните земји, особено во областа на храната, енергијата и финансиите. Да дадеме пример – кој не е директно спомнат во извештајот на Европската служба за надворешна акција – рускиот канал „Раша Тудеј“ создаде видео „Среќен антируски Божиќ“. Видеото е за едно семејство кое го слави Божиќ во Европа. Празникот се менува за три години од полн со светлина, топлина и благосостојба во 2021 година до студен, гладен и сиромашен во 2023 година. Кулминацијата на заплетот е тоа што едно семејство јаде супа направена со хрчакот на нивната ќерка. Главниот наратив е дека европските санкции за руската енергија ќе имаат многу посилен ефект врз Европа отколку врз Русија. „Раша Тудеј“ манипулира за да ја убеди публиката дека ќе го изгубат својот удобен живот без Русија.
4. Западот е лицемерен
Пораката го нагласува наводното лицемерие на западниот свет. Дека европските земји се корумпирани, колонијалисти, шират русофобични ставови и ги злоупотребуваат основните права, вели наративот, но тие не го признаваат тоа и наместо тоа ја осудуваат Русија.
5. Украина е нацистичка и терористичка држава
Вообичаена е идејата што Русија активно ја промовира уште од Револуцијата на достоинството – проевропските протести во Украина кон крајот на 2013 и почетокот на 2014 година, со кои беше соборен прорускиот претседател Виктор Јанукович. Политичарите и медиумите на Кремљ тврдеа дека промената на претседателот не била легитимна и дека станува збор за терористички чин. Исто така, популарниот наратив беше дека Револуцијата на достоинството била предводена од „украински нацистички групи“. Сега, наративот „Земјата полна со терористи и нацисти“ е еден од изговорите за руската инвазија. Од овој наратив произлегува уште една точка: руската агресија врз Украина е таканаречена „деназификација“.
Руските дезинформации влијаат на јавното мислење за војната во Украина
Војната во Украина започна со силна осуда во македонската јавност. Тоа е и официјалната позиција на државата – осуда на руската инвазија и силна поддршка за Украина. Но во овој период додека трае војната, Македонија, но и регионот се соочи со бројни лажни вести во медиумскиот простор кои влијаат во обликувањето на јавното мислење.
Тоа го покажува најновото истражување на Институтот за демократија и фондацијата Конрад Аденауер во кое мнозинството граѓани до одреден степен не се согласуваат дека Русија има за цел да ја освои Украина (41% – воопшто, а 13% до некаде), додека 21% од испитаниците сметаат дека тоа е целта на руската агресија.
Од Институтот за демократија велат дека добиените резултати укажуваат дека мнозинството испитаници сепак веруваат дека оправданоста на нападот од страна на Русија треба да се бара во провокации кои ги креирало НАТО, теза која што е спротивна на мнозинството размислувања претставени во стручната јавност и на официјалната политика на државата.
„Овие пораки се чест пример на информации кои Москва официјално ги пласира преку своите медиуми“, се наведува во истражувањето.
Истражувањето покажало и дека 34 проценти од македонските граѓани не се согласуваат дека победата на Украина, значи и победа на Европа. Мнозинство од испитаниците, односно 55 % целосно се согласуваат дека само преговори, а не победа на Русија или Украина се решение за војната.
Лажните вести ја минираат довербата во медиумите на глобално ниво
Војната во Украина и негативните рефлексии од неа, само ја нарушија и онака ниската доверба во граѓаните во медиумите која беше сериозно размрдана за времето на беснеењето на Ковид пандемијата. Според последниот извештајот за дигитални вести на институтот „Ројтерс“, кој анкетираше 93.000 потрошувачи на 46 пазари за низа теми за дигитални вести, кои се движат од перцепциите за медиумското покривање на војната во Украина до променливите навики на помладите потрошувачи и каде луѓето читаат вести за климата.
Целокупната доверба во вестите паднала во 21 од 46 анализирани пазари, додека 18 пазари останале на слично ниво и само седум забележале пораст.
Според извештајот, додека мнозинството луѓе низ земјите редовно ги следат вестите, државите со пониско ниво на доверба во вестите, како што се САД (26 отсто), Велика Британија (34 отсто), Франција (29 отсто) и Словачка (26 отсто), имаа тенденција да забележат некои од највисоките нивоа на селективно избегнување и опаѓање на интересот за нив. Причините наведени за селективно избегнување вести вклучуваат одбивност поради повторувањето, појава на чувство на исцрпеност, намалување на расположението што доведува до чувство на немоќ, премногу биле тешки за разбирање или дека не можело да им се верува.