Фото Архива

Руска нафта пак протече кон Унгарија, по прекинот на нафтоводот „Дружба“ во Украина

Испораките на руска сурова нафта за Унгарија и Словачка преку клучниот гасовод „Дружба“ денеска се обновени, соопштија властите по привременото затворање во вторникот, наводно предизвикано од оштетување поради руски напади во Украина.

Мрежата на гасоводот „Дружба“ започнува во Русија, а потоа се разгранува во Белорусија и Украина, снабдувајќи дел од земјите од Источна и Централна Европа кои зависат од таа нафта, вклучувајќи ги и рафинериите во Унгарија, Словачка и Чешка.

Како што јавува „Ројтерс“, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто рече дека гасоводот сѐ уште работи под низок притисок, а Министерството за економија на Словачка соопшти дека снабдувањето е обновено, без да даде детали.

Снабдувањето за делови од источна и централна Европа беше привремено прекинато во вторникот поради технички причини, соопштија операторите на гасоводот во Унгарија и Словачка.

Унгарски МОЛ објави дека нејзиниот украински партнер објаснил дека руска ракета ја погодила електраната што ја снабдувала пумпната станица со струја, што довело до прекин на снабдувањето.

Сијарто на Фејсбук објави дека поправките се направени до тој степен што нормалната испорака на нафта во Унгарија би можела да продолжи „час поскоро“.

„Засега е под низок притисок во оваа фаза, но во тек е техничка работа за да се овозможи испораките да продолжат со вообичаениот полн притисок, односно на нормално ниво“, рече Сијарто.

Иако ЕУ во мај изгласа ембарго на увозот на руска нафта за земјите-членки, Унгарија и Словачка добија изземање од забраната и дозвола да продолжат да увезуваат преку нафтоводот „Дружба“ до крајот на 2023 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот