
Рударска ренесанса во Италија
Австралиската „Алтамина“ доби дозволи за истражување на производството на литиум од геотермални извори под зелените полиња околу езеро во близина на Рим
Италијанскиот министер за претприемништво, Адолфо Урсо, го исполни ветувањето дадено минатата година за поставување на правната рамка за нов бум во рударскиот сектор на Апенините. Сенатот на 6 август го одобри Законот за критични суровини, кој претходно беше усвоен од Долниот дом на парламентот. Пакетот мерки е насочен кон зголемување на набавката и рециклирањето на критичните суровини, вклучувајќи ги и поедноставените процедури за лиценцирање за концесиите за рударство.
Препорачано
Проектите за експлоатација, преработка или рециклирање на овие материјали со новата регулатива се означени како „итни“, а дозволите за овие активности мора да се издаваат во рок од најмногу 18 месеци. Планот е повторно активирање на старите рудници. Со новата регулатива, Италија на национално ниво го спроведува Законот за критични суровини, кој ЕУ го донесе во март. Тоа е клучен дел од стратегијата европската индустрија да може да се натпреварува со САД и Кина во пристапот до стратешки важните суровини и производството на зелени технологии.
Додека гореспоменатиот закон на ЕУ беше во процес на усвојување, Италија ги ажурираше мапите на своето минерално богатство. Министерот Урсо оцени дека од 34 суровини кои ЕУ ги смета за критични, дури 16 може да се најдат во италијанските рудници кои беа затворени пред 30 години и кои, како што рече, сега мора да се отворат со нови инвестиции за повторно да се активира нивниот потенцијал.
Италијанската почва содржи резерви на литиум, кобалт, никел, бакар и цинк, како и берилиум и волфрам, кои се неопходни во секторите на зелената технологија и дигиталната индустрија. Владата на премиерот Џорџа Мелони даде приоритет на експлоатација на повеќе од овие суровини со цел да ја направи домашната индустрија помалку зависна од увоз од земји како Кина.
Истражувањето на литиум е во Тоскана и Лацио. Вулканските езера во Италија се во центарот на потрагата по литиум, додека рударските компании бараат нови залихи на „бело злато“ – клучна компонента на батериите за електрични возила.
Италија, согледувајќи ја важноста на литиумот, претходно даде дозвола за истражување во Тоскана, а на крајот на минатата година и за Лацио. Австралиската „Алтамина“ е последната која доби дозволи за истражување на најлесниот метал од геотермални извори кои се наоѓаат на длабочина од околу километар и половина под зелените полиња околу езерото Мартиниано во близина на Рим.
Новиот закон ќе го олесни повторното отворање на затворените или напуштените рудници, главно лоцирани на Алпите, Тоскана и Сардинија. Компаниите кои поседуваат концесии за рударство ќе треба да им платат на државата или на локалните власти закупнина за минерали од пет до седум отсто од годишните приходи, во зависност од тоа дали експлоатацијата се одвива на офшор или на копно.
Италија, исто така, започна соработка со Германија и Франција за координирање на пристапот до набавка на критични суровини (CRMs). Трите земји, кои претставуваат речиси половина од БДП на ЕУ, се обврзаа да го прошират споделувањето на податоци и соработката во областите на екстракција на минерали, рафинирање, преработка, рециклирање и стандарди за ESG, додека нивните индустрии ќе останат вклучени во работата на зелената транзиција. .