
„Рубикон“ добил тендери за обезбедување на 5 скопски средни училишта по промената на власта во 2024 година, едно го раскинало договорот после пожарот во „Пулс“
Агенцијата за обезбедување „Рубикон“ чиј вистински сопственик Александар Нацев е осомничен во случајот со пожарот во „Пулс“ – Кочани, е добитничка на 6 тендери за обезбедување средни училишта во Скопје по промената на власта во 2024 година, покажуваат податоците од страницата на Бирото за јавни набавки. Првиот договор за јавна набавка со „Рубикон“ го склучило средното училиште „Марија Кири Склодовска“ на 17 јули 2024 година за унапредување на безбедноста и сигурноста во училиштето и тој е уште активен. Склучен е за периодот од 1 септември 2024 до 30 јуни 2025 година со вредност од 1.101.060 денари.
Препорачано
На 23 јули 2024 година и средното училиште „Димитар Влахов“ од Скопје ја ангажирало оваа агенција за обезбедување за периодот од 1 септември 2024 до 30 јуни 2025 година, односно и овој договор со вредност од 658.350 денари е уште активен.
На 5 септември 2024 година скопската гимназија „Георги Димитров“ за 592.515 денари ја ангажирала „Рубикон“ да го обезбедува училиштето а договорот им истекува денеска.
Како што е наведено на страницата на Бирото за јавни набавки, на 30 август 2024 година гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ склучила договор со „Рубикон“ во износ од 424.800 денари за првото полугодие од 2024 година кога договорот завршил. Потоа гимназијата „Корчагин“ склучила нов договор со „Рубикон“ од 17 февруари годинава кој се планирало да заврши на 31 март 2026 година за обезбедување на училиштето, вреден 1.180.000 денари со ДДВ. Во тендерот што го склучила „Рубикон“ со гимназијата „Корчагин“ во Скопје, описот на шифрата на набавката е „безбедносна, противпожарна, полициска и одбранбена опрема“.
Средното училиште „Кочо Рацин“ кое склучило договор за јавна набавка со „Рубикон“ според наведеното на сајтот на Бирото за јавни набавки го раскинало договорот на 9 мај годинава, месец и половина после трагичниот пожар во „Пулс“ Кочани. Другите договори се или завршени или активни.
Обвинителството смета дека Александар Нацев, кој инаку се поврзува со ВМРО-ДПМНЕ, раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата заедно со претходно осомничениот управител и со овластениот во подружницата во Кочани. ОЈО ги сомничи сите дека без да склучат договор со „Пулс“ во цела 2025 година го обезбедувале клубот, а Александар Нацев во континуитет активно раководел со планот и начинот за давање на услугата обезбедување преку правното лице.
Причината поради која Нацев се поврзува со политичката партија на власт е тоа што постојат видео-материјали од прес-конференции што ги држел во 2018 година во име на партијата.
ОЈО ги сомничи физичките лица и самата агенција РУБИКОН СЕКЈУРИТИ СОЛУШНС дека не воделе грижа што илегалното кабаре е преполнето, па пуштале деца да влегуваат внатре ноќта на 16 март кога дискотеката изгоре и загинаа 62 претежно млади, а речиси 200 луѓе беа повредени. ОЈО смета дека обезбедувањето требало да спречи во дивото диско да влезе пиротехниката, а ги товари и дека не направиле безбедносна проценка и план за обезбедување, не ја провериле противпожарната заштита и опасноста од пожари ниту сигурносните услови, со што би виделе дека нема повеќе од еден влез за евакуација што е незаконски.
Нацев на денот на трагедијата во „Пулс“, 16 март, на социјалната мрежа Фејсбук се огради од негова поврзаност со настанот.
„Сочувство до фамилиите на сите 59 трагично згаснати животи во Кочани, меѓу кои има и мои блиски лица. Сакам да нагласам дека информациите за моја поврзаност со овој настан се дезинформација и шпекулација. Тоа се само обиди за блатантна политичка игра и добивање морбидни поени“, напиша тогаш Нацев.
Според јавно достапните податоци на „Бизнис мрежа“ агенцијата за обезбедување „Рубикон“ е лоцирана на адреса „Христо Татарчев 79“ во Кисела Вода, на истата адреса на која е регистрирана невладината организација „Центар за безбедносни истражувања“ во која што директор е Нацев од ВМРО-ДПМНЕ.
Извор – страница на „Бизнис мрежа“
Тој според наведеното на страницата на невладината организација, е и декан на Факултетот за детективи и криминалистика при Европскиот универзитет во Скопје, доктор на науки од областа на безбедноста од Институтот за одбрана, безбедност и мир во Скопје. Неговото претходно работно искуство е како дипломат во Мисијата на Република Македонија во седиштето на НАТО во Брисел, а ја извршувал и функцијата директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Неговите истражувања се претежно во полињата на безбедноста, одбраната, информациската војна, разузнавањето и контраразузнавањето. Автор е на три книги и голем број научни трудови од областа на безбедноста.