
„Роња“ на Театарот за деца и младинци се врати од Мостар со четири освоени награди на ФЛУМ
Претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театарот за деца и младинци – Скопје (ТДМ) постигна голем успех на Петтиот меѓународен фестивал на куклена уметност – ФЛУМ 2025, што се одржа од 21 до 26 септември во Мостар. Македонскиот театарски ансамбл се враќа со вкупно четири награди, вклучувајќи го и највисокото признание – Гран-при за најдобра претстава.
Препорачано
Покрај наградата Гран-при за најдобра претстава, жирито ја награди продукцијата и во други категории: награда за најдобра режија – Јакуб Максимов, награда за најдобра сценографија и креација на кукли – Олга Зјебињска и награда за колективна глума и анимација – ансамблот на претставата.
Со овие признанија, „Роња, ќерката на ограбувачот“ на ТДМ ја заокружува својата колекција со вкупно 18 награди на домашни и меѓународни фестивали.
„Роња, ќерката на ограбувачот“ е работена според истоимениот роман на светски познатата шведска писателка Астрид Линдгрен (авторка на „Пипи Долгиот Чорап“), а во адаптацијата се преплетуваат динамичен сценски ритам, музички сегменти и визуелно впечатливи решенија. Приказната го следи растењето на храбрата и независна Роња, која во свет на ривалски банди и фантастични суштества открива што значи пријателство и избор на сопствен пат.
Режијата и драматизацијата се на Јакуб Максимов (Чешка), драматург е Горјан Милошевски, сценографијата, дизајнот на кукли и маски и костимографијата се на Олга Зјебињска (Полска), а музиката е на композиторот и корепетитор Лазар Новков (Србија). Во претставата играат: Матеа Јанковска, Никола Наковски, Мики Анчевски, Катарина Илиевска-Силјановска, Ангела Димитрова и Петар Стојанов.
ФЛУМ 2025 во својата натпреварувачка програма претстави десет продукции од Бугарија, Унгарија, Чешка, Шпанија, Словачка, Хрватска/Кореја, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Босна и Херцеговина. Фестивалот понуди и богата придружна програма со книжевни промоции, перформанси и работилници, известија од Театарот за деца и младинци – Скопје.