Гордана Сиљановска Давкова Фото: Кабинет на претседател

Ромите живеат во супстандардни услови и се хендикепирани уште на почетокот од нивниот живот, вели Сиљановска

Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова на настанот „Разговори за еднаквост“, на тема „Право на домување на Ромите“ организирано од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација изјави дека и покрај континуираната работа на невладините и меѓународните организации, животот на Ромите нема значително подобрување.

„Невладините организации, заедно со меѓународните организации континуирано работат на подобрување на животот на Ромите, но нема големи резултати. Социјалната димензија во држава која се нарекува социјална, мора да се реализира континуирано, да размисли Владата за тоа дали можеби токму онаа категорија на социјални станови треба прво да биде наменета за нив. Противник сум на изолиран живот само во една населба. Треба и поинаков пристап во поглед на градењето“, рече претседателката.

Таа истакна дека заштитата за Ромите треба да биде најголема, а за тоа се потребни сериозни реформи бидејќи Ромите се, како што вели, неразделен дел од Македонија.

-Во социјална држава, во држава што гарантира рамноправност, еднаквост, потребни се сериозни реформи. Непријатно ми е дури со години да го повторувам истото. Ромите се неразделен дел од оваа држава, тие се посветени, лојални, не се дојдени од никаде. Често пати ги охрабрувам младите Роми токму затоа и се обидувам и во мојот кабинет и во органите во кои имам влијание, да ги вклучам.

Треба да се одважат, да се вклучат во политиката, образованите, умните, да ги потикнат, инспирираат и останатите, бидејќи долго време во политиката нивните интереси беа запоставувани не само од самата држава и од државните органи, туку и од многу честото вклучување во политиката заради, што не е непознато и за другите, од лични интереси, а не заради заштита на интересите на оваа ранлива категорија, истакна Сиљановска Давкова.

Сиљановска исто така го посочи правото на домување како едно од најважните, бидејќи таму се формира семејството, се учи, а тоа е тешко доколку се живее во супстандардни услови.

-Најчесто ромските семејства се многудетни се живее субстандардно што значи дека во стартот на живото ромските деца се хендикепирани, нивните родители многу тешко наоѓаат работа, најчесто сами се грижат на свој начин како да се справат со животните предизвици. Најчесто живеат изолирано“, вели Сиљановска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот