
Ромарио: Да играв денес ќе постигнев 2.000 гола, затоа што денешните фудбалери се глупави
Бразилската легенда (58) смета дека да беше денес во своите најдобри играчки денови ќе беше многу поефикасен, затоа што денешните играчи наместо техника, повеќе се потпираат на физика сила
Бразилската фудбалска легенда Ромарио, шампион на Мундијалот 1994, изјави дека да играше денес, ќе постигнеше 2.000 гола, бидејќи според него денешните играчи станале многу глупави.
Препорачано
Ромарио, иако има 58 години, најави дека ќе ја продолжи играчката кариера во клубот Америка од Рио де Жанеиро, чиј претседател е. Тој планира да игра за тој второлигаш на државата Рио де Жанеиро заедно со неговиот син Ромарињо (30). Но, засега седи на клупата.
– Мислам дека сега би бил поуспешен на теренот, бидејќи денес момците се многу глупави. Тие трчаат премногу. И во мое време беше важна и физичката компонента, во фудбалот тоа секогаш било така. Но играчите беа технички многу попотковани и попаметни. Сигурен сум дека да бев млад играч денес, ќе постигнев повеќе од 2.000 гола – изјави Ромарио.
Ромарио во својата кариера настапуваше за бразилските клубови Васко де Гама, Фламенго, Флуминенсе и Америка, за холандскиот ПСВ, за шпанските клубови Барселона и Валенсија, катарскиот Ал Сад, американскиот Мајами.
Ромарио, меѓу другото е шампион на Бразил, трикратен шампион на Холандија, двократен шампион на Шпанија, шампион на Катар… Во кариерата има постигнато над 700 гола.