Михаилис Рокас - Евроамбасадор / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Рокас: Идентитетот и јазикот не се дел од преговарачката рамка, тие најдобро се бранат со членство во ЕУ

Евроамбасадорот Михалис Рокас денеска позитивно го оцени Извештајот на Европскиот парламент, истакнувајќи дека тој дава силна поддршка на интегративните процеси на државата и ги поддржува реформските процеси, особено реформите во правосудството, борбата против корупцијата и останатите предизвици со кои се соочува државата.

За спорните одредби во Извештајот во врска со идентитетот и јазикот, тој потсети дека Европскиот парламент е независна институција, која носи политички одлуки согласно свои внатрешни процедури.

– Најважно е да се истакне дека идентитетот и јазикот не се дел од преговарачките рамки. Идентитетот и јазикот најдобро се бранат со полноправно членство во ЕУ – изјави Рокас.

ЕП го усвои извештајот за Македонија без „македонски јазик“ и „македонски идентитет“

Европскиот парламент вчера го усвои извештајот на Томас Вајц за напредокот на Македонија за 2023 и 2024 година. Трите најголеми политички сили во Европскиот парламент – ЕНП, С&Д и Обнови Европа – се согласија да ги отфрлат зборовите „македонски идентитет“ и „македонски јазик“.

За гласаа 461 европратеник, додека 121 беа против, а 107 беа воздржани.

Известувачот Вајц во своето обраќање рече дека документот дава целосна слика за тоа каде се наоѓа Македонија и во него се поздравуваат некои достигнувања, но се бараат и реформи, и се зборува за говорот на омраза, за злосторствата од омраза, за потребата од владеење на правото, борба против корупцијата и не само за усвојување на закони, туку и за резултати што ќе ги почувствуваат граѓаните.

Според Вајц, добрососедските односи можат да се градат со учество на двете земји, а не само на едната.

Бугарските европратеници, поддржани и од грчки колеги, вршеа притисок да се изменат формулациите поврзани со македонскиот јазик и идентитет. Тие инсистираа на отстранување на овие термини од документот, тврдејќи дека такви дефиниции немаат место во извештај за напредок.

Скандалозно обраќање имаше грчката европратеничка Афродити Латинопули од десничарската група Патриоти за Европа (ЕФП), која истакна дека таа е „вистинска горда Македонка“, а не „лажна како жителите на Скопје“. Таа ги поддржа и бугарските ставови за македонскиот идентитет и јазик, порачувајќи дека пристапувањето на земјава кон ЕУ „нема да се случи ниту на сон“.

Спротивно од Латинопули, нејзиниот сонародник Константинос Абванитис од групата Левица оцени дека напредокот во пристапувањето треба да зависи од исполнување на Копенхашките критериуми и изрази надеж дека Европската комисија „ќе покаже иста ревност кон Западниот Балкан, како што покажува кон Источна Европа“.

Во Стразбур присуствуваше и Љупчо Георгиевски, претседател на бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“, кој е условно осуден во Северна Македонија. Ковачев тврдеше дека неговото присуство има за цел да ги информира европратениците за, како што тврди, судските репресии на кои се изложени македонските Бугари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот