Роби Вилијамс - Фото: EPA-EFE/Mohammed Badra

ФОТО | Роби Вилијамс проговори за борбата со тешката болест: „Ги гмечев таблетите и ги шмркав“

Британскиот пејач Роби Вилијамс (51) откри дека живее со Туретов синдром, притоа борејќи се со „наметливи мисли“, зависности и низа ментални состојби кои го следат низ годините. Тој во подкастот „I’m ADHD! No You’re Not“ зборуваше отворено за своето ментално здравје, велејќи дека неодамна направил тест за аутизам, кој бил негативен, но покажал одредени аутистични особини, особено поврзани со анксиозност и тешкотии во социјалните интеракции, пренесува „Индпендент“.

Вилијамс објасни дека Туретовиот синдром кај него се манифестира преку наметливи мисли кои не може да ги контролира.

„Само шетав по улица и сфатив дека овие мисли се дел од Туретовиот синдром. Тие не излегуваат од главата. “, рече тој.

Освен овој синдром, три пати му е дијагностициран АДХД, а тој вели дека секогаш заборава кога му велат дека го има. Првпат го дознал тоа околу 2006 година, кога ги прочитал симптомите на интернет и ги препознал кај себе. По дијагнозата, добил лекови кои прво ги земал како што е пропишано, но потоа преминал на гмечење и шмркање на на истите.

„Секогаш бараш лек за болеста во главата“, вели Роби, кој јавно зборува и за својата борба со зависност од алкохол и дроги, поради што неколкупати бил на рехабилитација.

Иако има долга кариера зад себе, вели дека сè уште се плаши од турнеи и јавни настапи.

„Имам многу комплициран однос со турнеите. Луѓето велат: ‘Одиш на турнеја? Мора да си возбуден.’ Не, преплашен сум“, објаснува Вилијамс, додавајќи дека знае добро да се маскира и да изгледа самоуверено, но внатре чувствува сосема спротивно.

Роби откри и дека страда од посттрауматско стресно нарушување (ПТСП), поврзано со настапите со групата „Тејк Дет“ и периодот кога ја достигна врвната популарност.

„Стигнав до врвот на планината и тоа не ме поправи. Тоа сè уште ме погодува“, изјави тој.

Неговата сопруга Ајда, со која е во брак од 2010 година и имаат четири деца – Теодора, Чарлтон, Колет и Бо – се обидува да го охрабри и да го потсети колку е среќен. Но и покрај тоа, Вилијамс вели дека анксиозноста повторно му се јавува.

„Кога сум во кревет, тоа е мојата зона на удобност. Надвор од креветот е зона на непријатност“, објаснува тој.

Иако тврди дека денес е подобро отколку во минатото, Роби вели дека сè уште не се чувствува удобно во сопствената кожа и дека постојано бара „зошто“. „Дваесеттите ми беа ужасни, триесеттите лоши, четириесеттите почнаа да се подобруваат. Сега сум на нагорна траекторија, но и понатаму се чувствувам непријатно и барам причини.“

Појавата на Вилијамс во подкастот се совпадна со Месецот на подигање на свеста за АДХД, кој се одбележува во октомври. Во истиот подкаст досега гостувале многу познати личности, кои исто така зборувале за своите лични искуства со АДХД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот