
Ристески: Посакувам да бидеме сведоци на уште еден одбојкарски спектакл
Двата полуфинални дуели од одбојкарскиот Куп на Македонија во машка конкуренција се први на програмата на финалниот турнир од Купот на ОФМ 2025, кој од утре до сабота ќе се одржи во спортската сала „25. Мај“ во Радовиш.
Препорачано
Бранителот на трофејот Штип УГД во првото полуфинале од 16.00 часот ќе се соочи со Работнички 71&22. Штипскиот клуб важи и за прв фаворит за Купот, што за него истовремено е и обврска и предизвик.
– Како бранител на Купот, обврската е голема, а истовремено тоа е и предизвик за нас. Бевме константни цела сезона, регуларниот дел од првенството го завршивме на првото место на табелата што сметам дека е доволна потврда за квалитетот кој го имаме. Купот на ОФМ секогаш носи возбудувања и неизвесни натпревари, не очекувам ништо помалку и во ова издание. Противниците ни се добро познати, неколкупати сме се соочиле сезонава и ги правиме последните анализи и финеси на тактиката. Подготвени сме и ќе дадеме сè од себе за да се најдеме во финалето и да го одбраниме трофејот. Посакувам да бидеме сведоци на уште еден одбојкарски спектакл, каде што на крај победник пред сè ќе биде одбојката – рече стратегот на Штип УГД, Кристијан Ристески.
Работнички 71&22 ќе ја има улогата на предизвикувач во полуфиналето со Штип УГД, а искусниот предводник на екипата, Александар Тасевски е дециден дека противникот е апсолутен фаворит.
– Резултатите покажуваат дека Штип УГД е најкомплетна и најдобра екипа во моментов во првенството и со тоа нашиот противник е и фаворит. Не верувам многу дека Купот е натпреварување во кое сè е можно! Квалитет е квалитет и тој секогаш доаѓа во прв план. Ние имаме и пех, повреда на еден од Грузијците, на последниот првенствен натпревар, што ни прави дополнителни проблеми. Секако дека нема да излеземе со „бело знаме“ и дека ќе се потрудиме да парираме и да пружиме отпор, но колку ќе успееме во тоа ќе видиме утре на терен – вели Тасевски.