
Рим даде зелено светло за изградба на мост што ќе ја поврзува Сицилија со континентална Италија
Италијанската влада одобри изградба на висечки мост, со буџет од 13,5 милијарди евра, што ќе ја поврзе Сицилија со континентална Италија.
Препорачано
Денешната одлука затвора дебата што се води со децении во Италија и го отвора патот за изградба на голем инфраструктурен проект.
Создавањето на мостот долг 3,6 километри, кој ќе биде еден од најдолгите во светот, е предмет на дискусија уште од крајот на 1960-тите години со цел развој на сиромашниот југ на Италија.
Десничарската влада на премиерот Џорџа Мелони го постави ова прашање како приоритет и ќе издвои 13,5 милијарди евра во текот на следните 10 години за мостот и другите потребни градежни работи.
Матео Салвини, лидер на Лигата и министер за инфраструктура, ја објави конечната одлука на владиниот комитет со која се дава зелено светло за изградба на мостот. Работите треба да започнат пред крајот на летото и да завршат во 2026 година.
Должината на мостот ќе надмииe 3,6 километри, а за да се помине ова растојание со автомобил ќе биде потребен четвртина час. Двете „кули“, на почетокот и на крајот од мостот, ќе бидат високи 399 метри. Оваа посебна инфраструктура е дизајнирана да издржи земјотреси до 7,7 степени (со оглед на тоа што областа е сеизмичка) и ветрови до 200 километри на час.
Ова е личен „облог“ на Салвини, кој особено инсистираше на неопходноста од проектот, со логика дека – меѓу другото – значително ќе ја зголеми вработеноста (релевантната прогноза наведува дека може да се создадат до 120.000 нови работни места) и ќе ја доближи Сицилија до остатокот од Италија.
Италијанската опозиција, од своја страна, го привлекува вниманието кон ризикот од инфилтрација на изведувачи поврзани со мафијата и нагласува дека приоритет треба да се даде на десетици други инфраструктури на кои им е итно потребно зајакнување и одржување, како што се железничките врски во Јужна Италија. Менаџерите на проектот гарантираат дека „мостот кај Месина“ ќе трае најмалку два века, но многу еколошки организации реагираат дека цената, во однос на уништувањето на еколошкото богатство на регионот, ќе биде превисока.
Износот на патарините што ќе треба да ги платат возачите сè уште не е утврден. Сепак, Министерството за транспорт ги уверува Италијанците дека „цените ќе бидат конкурентни и целосно разумни“.
На крајот на јуни, „Политико“ објави дека Мелони сака да ги вклучи трошоците за изградба на мостот во трошоците за одбрана што сите земји-членки на НАТО се должни да ги направат, со цел да се постигне целта од 5% од БДП.
И министерот за надворешни работи Антонио Тајани и Матео Салвини, кои се вицепремиери во владата на Мелони, тврдат дека мостот има стратешка вредност за НАТО, а не само економска улога, став што беше изразен и во владиниот извештај во април.
Според публикацијата, Рим е меѓу земјите-членки на НАТО со најниски трошоци за одбрана со само 1,49% од БДП во 2023 година, што ја прави новата цел од 5% до 2035 година речиси недостижна.