
Ричард Гир остро ги искритикува двајцата големи политички лидери: „Тие се алчни, моќни и богати, не треба да постојат“
Американскиот актер Ричард Гир, продуцент на документарниот филм „Далај Лама – Мудроста на среќата“, изјави дека светските политички лидери како израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп „не треба да постојат“.
Препорачано
„Лидери како Нетанјаху и Трамп не треба да постојат, бидејќи се неодговорни и немаат визија. Тие не се мудри. Тие се алчни, моќни и богати, а ние повеќе не можеме да имаме такви лидери. Ако сакаме свет кој е мирен, љубезен, дарежлив и безбеден за нас, нашите деца, внуци и правнуци, мораме да вложиме напор и да се осигураме дека луѓе како нив никогаш повеќе нема да бидат избрани“, изјави Гир за италијанската новинска агенција „Анса“.
Гир, кој е будисt, истакна дека Далај Лама го охрабрува секој поединец да преземе одговорност за промените во светот.
„Молитвата е важна, но токму конкретната акција е таа што навистина го менува светот“, додаде актерот.
Говорејќи за својата прва средба со Далај Лама во 1982 година, Гир ја опиша неговата присутност како вистински извор на инспирација.
„Кога сте со некој што работел на тоа да ги елиминира глупостите и да развие љубезност и мудрост, сфаќате дека тоа навистина е можно“, рече тој.
Документарецот „Далај Лама – Мудроста на среќата“ ќе се прикажува во кината од 6 до 8 октомври и нуди увид во филозофијата на 14-от Далај Лама, добитник на Нобеловата награда за мир, кој и на 90-годишна возраст продолжува да ја шири својата порака за мир, емпатија и одговорност.
Во филмот, Далај Лама нагласува дека секое човечко суштество копнее по мир и среќа, но дека 21-от век носи сериозни предизвици поради доминантни емоции како гневот, стравот и омразата.