
Ревизорскиот извештај ја „помати“ транспарентноста на Одбрана
Слабости во објективното прикажување на постојаните средства и залихите на материлаји во финансиските извештаи, нецелосен попис на имотот, неосигурен имот на Министерството за одбрана и АРМ но и нетранспарентност во постапките за јавни набавки и реализацијата на дел од договорите со трети фирми кои треба да се вршат согласно законската регулатива, утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР) во последниот извештај за буџетот на Министерството за 2022 година.
Препорачано
Во годината за која се однесува ревизијата а Министерството за одбрана го предводеше Славјанка Петровска ревизорите наспроти „Истражувањето за Индексот на активна транспарентност на институциите“ кое минатата година ја оцени Одбрана со стопроцентна активна транспарентност, сепак воочуваат слабости во работењето на ресорното министерство.
– Во постапките за јавни набавки и реализација на склучените договори констатиравме состојби кои не се во согласност со законската регулатива – наведуваат ревизорите.
Една од забелешка на ревизорите се јавните набавки на Министерството за одбрана.
– Со извршената ревизија за 2022 година изразивме неповолно мислење за вистинитото и објективното прикажување на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики се наведува во извештајот.
Министерството не воспоставило финансиска евиденција на набавката и трошењето на залихите на материјали, резервни делови и ситен инвентар, стои во извештајот. Исто така се наведува дека не е обезбедена целокупна документација за недвижниот имот купен за сместување на Мисијата на Република Северна Македонија при НАТО во Брисел.
Ревизорите забележуваат и дека таа година, 2022 пописот на средствата и обврските не е целосно извршен и не е извршено усогласување на фактичката состојба со нивната сметководствена вредност. Понатаму пишува дека Армија има несоодветна кадровска екипираност на одделението за внатрешна ревизија.
Во меѓувреме години наназад државниот Завод за ревизија во своите извештаи редовно укажува на неправилности за трошење буџетски пари, но другите институции ретко го казнуваа сторителот.
Упатените велат дека надлежни за постапување по извештаите на ревизорите и антикорупционерите се неколку институции. Тие велат дека една од тие институции кои ги добива извештаите е Собранието. Тоа би требало да ги задолжи другите институции да постапат по ревизорскиот извештај, но тоа во пракса не се прави.
Искра Белчева-Ристовска, програмски координатор во Центар за управување со промени – ЦУП објаснува дека кога се работи за транспарентноста на институциите секогаш мора да се има предвид дека кога се прават надворешни независни ревизорски извештаи секогаш постои простор да излезат на површина незаконитости во набавките или нецелосни финансиски извештаи.

– Ажурирањето на податоците околу расходите на институциите на нивните сајтови во земјава во пракса се практикува, но проблемот се јавува што институциите немаат правилник и упатства по кои ќе се раководат и да знаат што е задолжително и треба да се објавува а што е помалку важно да се објавува на нивните веб сајтови. Кога станува збор за конкретниот случај и забелешките на ревизорскиот извештај на ДЗР за Одбрана иако го немам во детали погледнати документите претпоставувам станува збор за пропусти кои повеќе се направени од недоволна стручност на институцијата во делот на спроведуање на законот за слободен пристап до информации од јавен карактер – вели Белчева-Ристовска.
Според неа неопходно е воведување на упатството за подобрување на транспарентноста на институциите на јавниот сектор за што ЦУП впрочем се залага сиве овие години. Како што објаснува Белчева-Ристовска со ова полесно ќе се следи и анализира регулативата, веб страните и достапните информации кај државните институции во однос на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Од друга страна пак вчера Министерството за одбрана излезе со соопштение во кое пишува дека Ревизијата нема констатирано финансиски злоупотреби.
-Ревизијата нема констатирано финансиски злоупотреби при спроведување на тендерските процедури и договорите за јавни набавки. За констатираните пропусти во тендерската процедура (а се работи за само 2 тендери од целокупното работење) веќе се преземени корективни мерки за усогласување на понатамошното работење. За одреден дел од забелешките околу сметководствената евиденција причините се во неажурноста на други институции кои се надвор од контрола на Министерството за одбрана. Деталниот приказ на состојбите во ревизорскиот извештај ќе помогне да се надминат сите забележани недоследности. Меѓу другото апсолутно сме согласни со забелешката наведена како системска слабост- велат од Министерството за одбрана.
Од таму додаваат дека наодите на Државната ревизија се совпаѓаат со заложбите на Министерката Славјанка Петровска за што поефикасно воочување на неусогласеностите во работењето и нивна корекција за да се надминат пропустите кои се провлекувале од минатото.
Инаку кога станува збор за „Индексот на активна транспарентност на институциите“ Одбраната трета година по ред е оценувана со максимални 100% на врвот во активна транспарентност на државните институции за што министерката Петровска на неколку пати до сега истакнуваше дека од овој поставен златен стандард нема да има отстапување.