
Ревизорот што ѝ го положил тестот на Татјана Димитровска за „државна тајна“ е исклучен од ревизиите
Младиот државен ревизор М.С, кој според Обвинителството во име на претседателката на Антикорупциска Татјана Димитровска ѝ го полагал тестот за таа да добие сертификат со највисок степен на класификација „државна тајна“, моментално не работи на ревизии, потврди за „Слободен печат“ државниот ревизор Максим Ацевски.
Препорачано
Ова следува откако Јавното обвинителство обелодени дека првата антикорупционерка која моментално зема плата од над 2 илјади евра и исто така не смее да работи на предмети, на ревизорот М.С. од службениот телефон на Вибер му пратила логови за пристап на електронски систем за обука на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Тој потоа од службен компјутер на Државниот завод за ревизија ѝ го положил тестот за класифицирани информации, па Татјана Димитровска добила безбедносен сертификат.
-На ревизорот му го одзедовме безбедносниот сертификат, да не може да се легитимира со него. Чекаме понатамошни инструкции од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Преземени се веднаш активности од наша страна, во петокот од ОЈО ГОКК побаравме да не известат кој е ревизорот што се товари. Ни доставија и оттогаш презедов мерки, има ограничен пристап до базите на податоци, ревизорот е повлечен и не е вклучен во ревизиите, изјави за „Слободен печат“ Максим Ацевски.
Од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации за „Слободен печат“ велат дека од почетокот на случајот активно соработуваат со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Оттаму побарале и за Димитровска и за ревизорот, матичните институции да им го повлечат безбедносниот сертификат до завршување на постапката за утврдување безбедносен ризик за нив.
Од страна на офицерите за безбедност на класифицирани информации до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации е доставено известување дека се повлечени безбедносните сертификати за пристап до класифицирани информации за лицето Татјана Димитровска и лицето од Државниот завод за ревизија. За погоре наведените лица се прават дополнителни безбедносни проверки за утврдување на безбедносен ризик за лицата, односно за одземање на безбедносните сертификати и пред истекот на нивното важење, велат од ДБКИ за „Слободен печат“.
Во меѓувреме, претседателката на Антикорупциска Татјана Димитровска се уште е на функцијата и не си поднесува оставка, иако вчера го вратила безбедносниот сертификат во ДКСК со записник. За неа судот одреди времени мерки со кои ѝ се забранува да работи на предмети и де-факто таа не може да извршува работни задачи во комисијата што ја предводи.
Партиите како да посакуваат „извалкана“ Комисија за спречување корупција, вели Митровски
Адвокатот Јанаки Митровски за „Слободен печат“ вели дека Законот за спречување на корупција и судир на интереси за жал, ја привилегира Димитровска.
Имено по автоматизам нејзиниот мандат престанува со оставка, која Димитровска нема намера да ја даде, смрт, губење на способноста и доколку е правосилно осудена на најмалку шест месеци затвор, што не е случај и гледате таа се повикува на пресумпција на невиност што е легитимно, вели Митровски за „Слободен печат“.
Тој истакнува дека Собранието има право, преку Комисијата за избор и именувања да иницира постапка за разрешување inter alia ако неоправдано отсуствува шест месеци од работата на Комисијата, или не ги исполнува условите за именување, при што се алудира на Забраната за вршење дејност и професија.
Но, ова е во смисла на можност да се изрече споредна казна Забрана за вршење професија или дејност, а не мерка на претпазливост за забрана на преземање опдредени работни обврски како што сега има за Димитровска. Останува да се види дали и по шест месеци траење на мерката, Собранието привилегирано би толкувало дека истата оправдано отсуствува од работата на Комисијата. Како и да е, поголемите политички партии како да посакуваат ваква состојба на условно речено извалкана Комисија, полуактивна, со Претседател под обвинение и исклучен од активноститие на Комисијата. Тоа е барем за мене евидентно, вели Митровски.
Политичката партија Левица преку пратеникот Борислав Крмов поднесе иницијатива до Комисијата за избор и именување во Собранието, Димитровска да биде разрешена.
Во иницијативата се наведува дека таа има забрана од судот што значи дека и понатаму не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работата на ДКСК, ниту да гласа и да распределува предмети. Ова според Крмов, претставува основа да биде разрешена.
Од ова произлегува дека Татјана Димитровска во моментов има забрана за вршење должност и не е во можност да ја извршува функцијата претседател на ДКСК. И во соопштенијата на самата Комисија е посочено дека Татјана Димитровска откако ѝ се определени мерките за претпазливост не доаѓа на работа а причината е повеќе од јасна – забрана за вршење на својата должност, пишува во иницијативата на Левица до комисијата за избор и именување.
Партијата Левица беше единствената која што поднесе ваква иницијатива. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ иако прозивани решија да не реагираат. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека пратениците кои имаат мнозинство во Собранието а доаѓаат од партијата во која тој е претседател, нема да иницираат разрешување на Димитровска.
-Имам чувство дека има поединци кои се обидуваат политиката кај нас да ја направат естрада. Што дека ВМРО-ДПМНЕ или која било политичка партија ќе поднесе. Ете, видовте, за Судскиот совет поднесовме, ги разрешивме, тие уште седат таму, илјадници евра на грбот на граѓаните добиваат. Да ја оставиме естрадата за естрадните уметници, политиката за политичарите. Пости морален чин на одговорност, ако чувствува некој треба да отстапи, да заврши со таа работа, а за кривична – тука се обвинителствата, судовите, тие нека гонат доколку има кривична одговорност. А ние сега да правиме естрада, во Парламентот, па тоа ништо не значело според Уставот итн. Повеќе немаме намера да се занимаваме со такви работи, изјави Мицкоски.
На 24 април 2025 година, како дел од истрагата што се води во рамките на предметот „Адитив“ – кој се однесува на набавката на хемиски препарат против созадавање на згура и троска во котлите на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, Обвинителството за организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истражна постапка против три лица, меѓу кои и Татјана Димитровска, претседателката на Државната комисија за спречување на корупција. Обвинителите ја обвинуваат Димитровска за оддавање службена тајна и за злоупотреба на службената положба, бидејќи од мај до декември 2024 година, во својство на претседател на ДКСК, со умисла му давала на неовластено лице – друг обвинет во предметот, податоци кои претставуваат службена тајна.
Поранешната претседателка на ДКСК Билјана Ивановска за „Слободен печат“ истакна дека согласно Деловникот за работа Собранието има алатки на располагање, кои во конкретниот случај смета дека треба да да ги употреби.
Ова дотолку повеќе што Собранието покрај тоа што врши избори, именувања исто така врши и разрешувања на носители на јавни и други функции на начин утврден со Уставот и со закон.
Наједноставно е претседателката да си поднесе оставка бидејќи, секој носител на јавна или друга функција што го избира или именува Собранието има можност да поднесе оставка и истата да ја образложи, а Собранието на првата наредна седница, без претрес, да констатира дека на носителот на јавната или друга функција мандатот му престанува, вели Ивановска.
Според неа, за работа на носител на јавна функција, Собранието може да расправа по поставена Интерпелација.
Имено, најмалку пет пратеници, може да поднесат интерпелација до Претседателот на Собранието, кој веднаш треба да ја достави до оној на кого му е упатена и до пратениците. Интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието, по истекот на 10 дена од денот на доставувањето на одговорот до пратениците. Исто така, Собранието со одлука може да основа повремени работни тела – анкетни комисии за сите области и за секое прашање од јавен интерес. Согласно Законот за спречување корупоција и судир на интереси и ДКСК може пред Собранието да поднесе Иницијатива за утврдување одговорност на претседателката, по што би следело нејзино разрешување. Има законски можности и начини за делување кои треба да се употребат, бидејќи доколку Собранието и понатаму не реагира согласно своите законските надлежности, во јавоста се создава перцепција дека презема заштитничка улога кон личност за која ЈО покрена обвинение, тврди Ивановска.
Собранието на 22 декември 2023 година го избра моменталниот состав на Државната комисија за спречување корупција со што за претседател беше избрана Татјана Димитровска, дипломиран економист од Скопје порано вработена во Државниот завод за ревизија.
Собранието спие, додека Татјана Димитровска ја „минира“ вербата во Антикорупциска