Изложбата ќе биде отворена на 3 септември, во 20 часот, во МСУ – Скопје

Ретроспективната изложба „Живко Поповски: Живот посветен на архитектурата“ ќе биде отворена во МСУ

Изложбата „Живко Поповски: Живот посветен на архитектурата“ на кураторите Анета Христова – Поповска и Мери Батакоја на 3 септември ќе биде отворена во Музејот на современата уметност во Скопје. Оваа изложба е прва сеопфатна презентација на делото на еден од највлијателните македонски архитекти – Живко Поповски.

Темелена врз повеќегодишно истражување на проф. д-р Анета Христова – Поповска и проф. д-р Мери Батакоја, изложбата го осветлува неговиот проектантски опус, претставен со ексклузивни материјали од приватната архива. Публиката ќе има можност да види десетици оригинални проекти, цртежи, фотографии и видеа, кои за првпат го откриваат целосниот спектар на неговите авторски преокупации.

– Сиот документарен материјал испишува една поубава стварност за нашите градови и го прикажува Живко Поповски како вистински вљубеник во архитектурата, кој го посветил сиот свој живот неуморно замислувајќи и проектирајќи архитектура со интимна посветеност. Дополнително, низ оваа изложба, архитектонската имагинација на Живко Поповски се разоткрива како исклучително комплексна и дијалектичка – со преокупации кои се протегаат од модернистичката универзалност до силната културна самосвест и длабоката грижа за локалните континуитети, од рациото на модерниот артефакт до ексцентричноста на ликовната интуитивност и постмодерната текстуалност. Наместо линеарна биографија, изложбата се гради како простор на резонанци, каде тематските целини се прелеваат една во друга, претставувајќи го делото на Живко Поповски како траен потсетник дека архитектурата може – и треба – да биде и длабока авторска опсесија, и интелектуална позиција, а притоа и натаму да остане културен проект со недвосмислена јавна одговорност – истакнуваат кураторките.

Изложбата ја реализира Музејот на современата уметност – Скопје, со поддршка на Министерството за култура на РСМ како проект од национално значење за 2025 година. Во нејзината реализација придонесоа Комората на овластени архитекти и инженери на Република Северна Македонија и компанијата „Кнауф“. Сите материјали се дел од приватната архива на Живко Поповски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 296, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30-31.8.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот