Без наслов, комбинирана техника на хартија

Ретроспективна изложба на Златко Трајковски – Хинки е поставена во „Мала станица“ во Скопје

Во мултимедијалниот центар „Мала станица“ при Националната галерија од 8 октомври 2024 (вторник), па сѐ до крајот на месецот, ќе биде претставен ретроспективниот осврт на Златко Трајковски-Хинки (1960-2017), еден од најавангардните уметници кој почна да работи во првата половина на 80-тите години од минатиот век.

– Тој период е пресвртница во размислувањата за уметноста и за тоа како таа во иднина би изгледала во Македонија, период кога се работи на постмодернизмот и новите медиуми. Тој е еден од предводниците во македонската современа уметност кој видеото, инсталацијата и перформансот ги користи како медиум во уметничкото дејствување – истакнуваат од Националната галерија.

Златко Трајковски е визуелен уметник кој твореше во контекст на постмодернистичкото дело. Неговите истражувања и конструкции ги поврзуваат сликарските, скулпторските, амбиенталните и технолошките влијанија. Со други зборови, тој работи со хибридизирани форми на просторот, перцепцијата, комуникацијата и когнитивното мапирање на визуелните ефекти.

Изложбата е пример за неговиот уметнички и естетски одговор на противречностите, антагонизмите и отуѓувањата својствени на глобалната идеологија. Златко луцидно го покажа потенцијалот за трансформација на модерното општество и важните односи меѓу поединците, како и односите меѓу поединците и колективите, поединците и институциите и меѓу самите институции.

Без наслов, комбинирана техника на хартија

Хинки твореше во духот на сложени човечки, политички, религиски, комуникациски и, со тоа, когнитивни процеси, ефекти и ситуации испровоцирани од човечката состојба во кризни моменти. Изложбата ги посочува односите меѓу два важни модалитета на неговото дело: ликот на склопување на традиционалните и модерните материјали/медиумите и ликот на временската капсула. Предвидената поврзаност на дигиталното и конкретното материјално со формите на човечкиот живот отвора простор за преиспитување на нашата сопствена индивидуална и колективна модерност.

Ретроспективната изложба е составена од повеќе тематски целини во различни медиуми – мултимедијално претставување, каде се застапени дела во конвенционални медиуми (цртеж, слика, колаж, графика…), видеоарт, музика и документирани перформанси, како и фотографии итн., чиј меѓусебен однос сочинува сложена инсталација и нивната поединечна анализа би била само општ опис на изложеното.

Затоа оваа изложба треба да се гледа како претопување и присоединување на микронаративите што создаваат нова естетско-концептуална целина – макронаратив со заеднички именител. Така се создава нова уметничка ситуација во која се одразуваат одредени конкретни состојби врз основа на личните и интимните приказни, кои колку што се лични толку се и воопштени и развиваат нови односи, перспективи и погледи на светот.

Оттука почнува идејната нишка за оваа изложба на Златко Трајковски, која постхумно се реализира. Таа одредува сопствена игра на чепкање по неговите доживувања, настани и сеќавања, па извлекувајќи артефакти од собраната архива на вредни спомени од минатото, создава визуелна фрагментирана археологија на меморијата.

Во таа игра на визуелна нарација и интерпретација на меморијата се обединуваат приказната со ликовноста, фантазијата со реалноста, стварното со нестварното, измислицата со вистината… градејќи нови сликовни и наративни претстави. Оваа изложба, всушност, претставува „ослободување“ на сидрото што го држи минатото и запловување кон иднината, известија од Националната галерија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот