Дело од приватната колекција на Анета Светиева

Ретроспективна изложба на Анета Светиева ќе биде поставена во Даут пашин амам во Скопје

Националната галерија продолжува со својата мисија и во тој правец го најави претставувањето на творештвото на Анета Светиева. Изложбата ќе биде поставена во Даут пашиниот амам до крајот на месец август, а официјалното отворање ќе биде на 21 мај 2025 (среда), во 20 часот.

Ретроспективната изложба на Анета Светиева е дел од програмата на Националната галерија за сеопфатно презентирање на македонските современи уметници кои ја креираа нашата ликовна сцена. Проектот ја следи монографијата за Светиева издадена 2023 година, со што се заокружува долгогодишното следење и истражување на богатиот творечки опус на еден од најзначајните македонски скулптори.

– Сложеното, комплексно, иновативно и креативното творештво на Анета Светиева, го поставува нејзиното дело на самиот врв не само на македонската ликовна сцена, туку и на една пиширока платформа која ги преминува границите на регионот – истакнуваат од Националната галерија.

Во сликањето на животот, на човековите траги во времето и во просторот, Светиева ја покажала својата голема дарба: од елементарните животни ситуации врзани за обичаите, навиките, сеќавањата… создаде импозантно уметничко дело чие кажување ве принудува да го слушнете ехото на враќањето кон волшебните светови, кон темелните вредности, и пред нас се појавува едно големо, заокружено и целовито дело, комплетен уметнички одраз на времето.

Анета Светиева е родена во Битола 1944 година. Академија за ликовни уметности (1968) и постдипломски студии (1971) година, завршила во Белград. Во периодот 1965 – 1971, за иновативноста и специфичниот ликовен израз, добива три престижни студентски награди, а потоа и награда на Друштвото на ликовни уметници на Србија.

Во 1974 година се враќа во Македонија. Од 1977 година работи во Институтот за фолклор, во 1988 докторира на Филозофскиот факултет во Белград на одделот за етнологија. Во 1990 година се вработува во Заводот за етнологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, каде што, во 1995 година станува редовен професор.

Нејзините учества на значајните меѓународни ликовни манифестации секогаш се проследени со посебно внимание од критиката, како што е случај и со презентацијата на Биеналето за ликовни уметности во Венеција 1997 година, каде што е забележана како автор со специфичен, поинаков пристап во обликувањето на автентично и автохтоно дело надвор од трендовските обележја.

Проектот е куриран од Викторија Васева Димеска, историчарка на уметност, во соработка со д-р Ана Франговска, куратор советник, Маја Неделкоска Брзанова, куратор советник и Маја Чанкуловска Михајловска, виш куратор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот