
РЕК Битола и на жабри мора да дише, енергетската транзиција ќе потрае
Основен предуслов за модернизација е доведување на природниот гас до прагот на РЕК Битола, велат од ЕСМ. Од Министерството за енергетика велат дека се планира модернизација за да се намалат емисиите на штетните честички и прашина. Досегашните извештаи за загадувањата се алармантни. Зелената транзиција добро се одвива, но треба уште многу време и пари.
Македонија е на добар пат во зелената енергетска транзиција, но неопходна ѝ е и стабилна енергија која не зависи ниту од сонцето, ниту од водата, ниту од ветерот. Енергетските експерти се сложни дека РЕК Битола ќе ни биде неопходен сè додека не се направат нови капацитети – трансформација на дел од РЕК Битола на гас, како и изградба на уште две когенеративни централи, каква што е ТЕ-ТО, од кои покрај електрична енергија ќе добиваме и парно греење.
Препорачано
Прашањата што сега се наметнуваат е како да се преброди овој период со РЕК Битола, кој според својот амортизациски период е клинички мртов, од каде да се најде лигнит, како да се обезбедат пари за изградба на нови постројки, како да се обезбедат стабилни количини на гас? Но, исто така, особено значајно прашање е како да се намали загаденоста на воздухот.
На почетокот на зимската сезона, РЕК Битола почнува со недоволни количини јаглен и со договорен увоз. Јаглен се набавува во согласност со веќе склучените договори, но се направени и корекции на договорите со што се заштедени 5 милиони евра.
Најден е квалитетен јаглен, можеби ќе се набавува механизација
Директорот на Секторот за производство на ЕСМ Зоран Коњановски, во изјава за „Слободен печат“ вели дека анализите за неколку години наназад покажуваат дека нема откривки на јаглен од кои може да се обезбеди континуиран дотур за потребите на термоблоковите. Но, тој тврди дека за краток период се направила целосна реорганизација на капацитетите во рудниците, според насоките на стручните лица од компанијата и од Рударско-геолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип за да се обезбеди фронт за ископ на квалитетен јаглен.
– Нашите итни мерки веќе даваат резултати на терен. Дојдовме до квалитетен јаглен со добра калорична вредност. Основа за намалување на трошоците на мазутот што како енергенс се користи за поддршка на производството, особено во услови на недоволно калоричен јаглен, е технолошка дисциплина во рудниците: помала потрошувачка на мазут, поквалитетен јаглен, помала абразија и оштетување на млиновите и на цевните системи, а со тоа и помали трошоци за одржување. Во зависност од резервите на јаглен во постојните рудници, не ја исклучуваме можноста да инвестираме во дополнителна рударска механизација, која директно би влијаела врз намалување на потребата од ангажирање механизација и работна сила од надворешни фирми – изјави Коњановски.
Ангажирањето на надворешни фирми е „рак-рана“ на овој рударско-енергетски капацитет. На почетокот на годинава, тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека власта во заминување дала 46 милиони евра на компанијата „Марковски“ за ископ на јаглен, притоа потенцирајќи дека оваа компанија досега инкасирала стотици милиони евра.
Опозицијата тогаш тврдеше дека компанијата имала дури 30 проценти повисока понуда од најниската. Сепак, „Марковски компани“ на 10 октомври склучи нов рамковен договор со РЕК Битола од еден милион евра, за работна рака за тековни машински интервенции.
– Новите раководства на АД ЕСМ и на РЕК Битола, но и на сите други подружници на компанијата, работат исклучиво според позитивните законски прописи и нема да дозволат ниту најмал сомнеж за злоупотреби при спроведување на Законот за јавни набавки. Имаме нулта толеранција за криминалот и за корупцијата, максимална транспарентност, фер натпревар на јавните тендерски постапки и строго почитување на Законот – вели Коњановски.
Увоз мора да има
Тој неодамна организираше и посета на медиумите во рудниците за да ја покаже состојбата на терен. Тогаш посочи дека од Суводол можат дневно да се експлоатираат околу 4.000 тони јаглен и 2.500 до 3.000 тони од Брод-Гнеотино.
– Тоа значи околу 7.000 тони јаглен, што е доволно за работата на еден блок и нешто малку да остане. Другото ќе го увезуваме за да има доволно РЕК да работи со два блока. За да работат трите блока, потребни се 18.000 тони јаглен дневно – покажуваат прецизните математики што ги презентира Коњановски.

Министерката за енергетика Сања Божиновска ветува дека ќе се набавува квалитетен јаглен.
– Сè уште се разгледуваат можностите за набавка на јаглен, но она што за нас ќе биде важно е да се даде приоритет на квалитетот на јагленот, од причина што со увоз на јаглен со катастрофален квалитет во изминативе години, се предизвикаа хаварии на блоковите, поради што ЕСМ издвојувало милионски суми за санации. Со „случајот“ со увоз на ваков јаглен што предизвика огромни штети, веројатно ќе треба да се позанимаваат надлежните органи – изјавија за „Слободен печат“ од Министерството за енергетика и минерални суровини.
Коњановски вели дека имаат план како да постапуваат со блоковите во РЕК Битола, но дека веројатно зимава ќе се протурка со два блока.
– РЕК Битола во моментов работи според енергетскиот биланс за овој период, со два блока. Во наредниот период, доколку е потребно, во план е да се активира и третиот блок. Работиме според потребите на системот и енергетскиот биланс.
Основен предуслов за модернизација е доведување на природниот гас до прагот на РЕК Битола. РЕК Битола ќе се модернизира, со што ќе ги подобри перформансите на производството и ќе ги намали емисиите на штетните честички и прашина во гранични вредности, според европските директиви и законодавство – вели Коњановски.
И ветувањата и загадувањето – големи
Според загадувањето со сулфур диоксид, емисијата од блоковите Битола 1 и Битола 2 е повеќе од 10 пати над дозволеното, покажува извештајот „Усогласи или затвори“ од аналитичката мрежа „Банквоч“ со седиште во Прага.
– Нашите термоелектрани немаат целосно исполнето ниту еден услов од Директивата за големи согорувачки инсталации, иако уште од почетокот на 2018 година требаше да се усогласени со граничните вредности. Дополнителен проблем е што термоелектраните немаат ни континуирано мерење на емисиите, нешто што требаше да е исполнето уште пред 2018 година. Со Националниот план за намалување на емисиите им се овозможи тоа усогласување да се случува постепено во период од 9 години, до 2027 година. Но, ова олеснување сепак е придружено со обврска државата да се придржува до национални плафони за емисии на загадувачи.
И покрај оваа обврска, во изминатите неколку години Македонија, односно ТЕЦ Битола, остана еден од најголемите загадувачи со сулфур диоксид во Европа. Дополнително, и загадувањето со ситна прашина (ПМ честички) е далеку над дозволеното – изјави за „Слободен печат“ Давор Пехчевски, балкански енергетски координатор на „Банквоч“.

Апликацијата за добивање А-интегрирана еколошка дозвола, РЕК Битола ја испрати до Министерството за животна средина и просторно планирање во ноември 2007 година. Оттогаш, апликацијата остана само желба, а многупати во медиумите се прочита насловот дека интензивно се работи на нејзино добивање. Една од најавите беше дека до 2026 година ќе се изгради и постројка за десулфуризација. Но, потоа стигнаа и вестите од претходната влада дека до 2030 година РЕК Битола целосно ќе биде исклучена, со што во спласнаа и ветувањата за десулфуризација.
Сепак, од Министерството за енергетика во изјавата за „Слободен печат“ тврдат дека ќе се преземат мерки за намалување на загадувањето. Оттаму објаснуваат и дека последната енергетска стратегија како обврска произлезена од Законот за енергетика е донесена во 2020 година, но дека Владата планира донесување нова стратегија.
– Со оглед дека во изработка се нов Законот за енергетика и Законот за обновливи извори на енергија, планираме изработка на нова стратегија за развој на енергетиката. Она што како влада и како министерство планираме е да извршиме ревитализација на РЕК Битола, бидејќи додека не го завршиме гасниот интерконектор со Грција и не ја завршиме изградбата на гасоводната мрежа, кои се основа за изградба на когенеративни термоцентрали, не можеме да размислуваме за затворање на Комбинатот од каде што доаѓа 70% од струјата потребна за регулираниот пазар. Значи, ние ќе мораме да се грижиме за него и паралелно да работиме на создавање нови базни капацитети за производство на струја.
Во РЕК Битола планираме да извршиме модернизација, да ги подобриме перформансите на производство, со што ќе се намалат емисиите на штетните честички и прашина во гранични вредности според европските директиви и законодавство. Истовремено, ќе преземеме чекори за намалување на загадувањето преку промена на електростатските филтри – вели министерката Божиновска.
И експертската јавност дава свои предлози и транзициски решенија, особено поради осетливоста на темата загаденост од РЕК Битола. Универзитетскиот професор Дејан Трајковски, кој живее токму во Битола, посочува неколку компромисни решенија.
– Може да се примени следната стратегија: Ископување јаглен преку целата година (колку што дозволуваат временските услови) и негово складирање на депонија, за употреба во зимските месеци; ТЕ на РЕК Битола да не произведува електрична енергија од март до ноември, односно во месеците кога цената на електричната енергија на берзите е пониска од сопствената производна цена со грчки јаглен, т.е. под 130 евра за мегават-час; ТЕ на РЕК Битола да произведува електрична енергија само во текот на зимските месеци (од декември до февруари), кога цената на берзите е висока, трошејќи евтин домашен јаглен од депонија, складиран во текот на годината. Така, цената на електричната енергија не би требало да надмине 80 евра/MWh, односно двојно поевтино отколку од увоз во зима. Откако домашниот ископ на јаглен ќе се стабилизира, домашните ТЕ да произведуваат повеќе, а увозот на електрична енергија да се намали. Варијантата за производство на електрична енергија од грчки јаглен мора веднаш и целосно да се отфрли! Исто така, РЕК Битола мора што побргу да престане да соработува со приватни компании за ископ на јаловина и јаглен и да ископува исклучиво со сопствена механизација и сопствени работници – елаборира професорот.
Што во меѓувреме додека „да се одјави“ РЕК Битола?
Според планот на Министерството за енергетика, со создавање предуслови за доаѓање на гас до Битола, во план е да се изгради когенеративна централа на гас во согласност со строгите еколошки стандарди, која ќе обезбеди стабилно и континуирано производство на електрична и топлинска енергија, а токму со тој проект ќе започне и енергетската транзиција на РЕК Битола.
– Исто така, планираме изградба на уште една когенеративна централа, а ја разгледуваме и можноста со ревитализација и модернизација на ТЕЦ Неготино за да добиеме уште еден капацитет што ќе користи гас во производството на струја, со што животниот век на овој енергетски капацитет би се продолжил за најмалку три децении. Исто така, планираме и изградба на обновливи извори на енергија во државна сопственост, односно ветерни паркови во Богданци и Миравци, како и уште еден капацитет од 200 мегавати. На овој начин ќе добиеме енергетски капацитети што ќе можат да го заменат РЕК Битола и да обезбедиме сигурен и стабилен електроенергетски систем – вели Божиновска.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски оценува дека Македонија е сериозно влезена во зелената транзиција.
– До крајот на годината верувам дека ќе имаме инсталирано нови капацитети на обновливи извори на енергија, меѓу 950 и 1.000 мегавати. Во РЕК Битола, трите блока иако имаат реално капацитет од 750 мегавати, работат со капацитет од 450 до некаде 480 мегавати, што значи де-факто еден блока како да ни е затворен. Исто така, термоелектраната Осломеј повеќе работи отколку што не работи, така што ние сме на добар пат, но ќе треба да се обезбедат и финансии и начини, оваа базна енергија што ќе ја загубиме од термоелектраните да ја замениме со друга базна енергија. Базна енергија може да ни дадат когенеративни објекти што произведуваат и топлинска и електрична енергија, или пак изградба на големи хидроелектрани, но за тоа треба време – заклучува Бислимоски.
Владата објави тендер за изградба на интерконекторот со Грција, што се оценува како многу важно за стабилно снабдување со гас. Според најавите на министерот за транспорт и врски Александар Николоски, се очекува понудите да бидат отворени во ноември, а интерконекторот да се изгради за две до три години.
Производството во Рударско-енергетскиот комбинат Битола започнало во 1980 година со ископ на јаловина од првиот БТО-систем (багер, лента, одложувач), а првите киловат-часови електрична енергија биле произведени во 1982 година кога во работа бил пуштен првиот од трите блока на електраната. Вториот блок бил пуштен во 1984, а третиот во 1988 година.
Со овој текст, Слободен печат се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.