
Регулаторната комисија предизборно ја поскапела водата во Скопје – Советот не одлучил навреме
Водата за пиење во Скопје предизборно поскапува за околу десет проценти, а одлуката ја донела Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), повикувајќи се на пропис кој ѝ го дава тоа право доколку Советот на Град Скопје не направи корекција на цената во утврден рок, објави „Телма“.
Препорачано
Дел од граѓаните веќе добиваат фактури во кои се забележуваат повисоки суми. Според пресметките на надлежните, зголемување имало во сите три сегменти и кај водата за пиење, за прочистување на отпадни води и за собирање и одведување на урбани отпадни води. Па така, збирно зголемувањето е околу десет проценти.
Како што објаснуваат од РКЕ, во случај кога градскиот совет нема да го направи тоа во утврдениот рок, одлуката ја носи таа. А, кога советите ќе си ја донесат цената претходно, Регулаторна им утврдува само највисока и најниска цена.
Од Водовод сè уште се чека одговор зошто Советот не одлучувал. Од градскиот совет, пак, за „Телма“ велат дека ваква точка од мај досега воопшто не била ставена на дневен ред. Одлуката за новите тарифи, пак, РКЕ ги донела уште пред повеќе од еден месец, на крајот на август.
Според последниот извештај на Министерството за финансии, ЈП „Водовод и канализација Скопје“ има долгови тешки 14,5 милиони евра.