
Реформите треба да се спроведат зашто тоа е добро за земјата, а не заради ЕУ, порача францускиот амбасадор
Реформите не треба да се сметаат како обврска што треба да се исполни затоа што Европската Унија го бара тоа, туку треба да се сфатат како нешто што е добро и позитивно и од кое бенефит ќе имаат сите граѓани на оваа земја, изјави амбасадорот на Франција во земјава, Кристоф Ле Риголер, прашан за коментар на обвинувањата што доаѓаат од опозицијата дека власта не презема никакви чекори за европската интеграција на државата, како и во врска со неодамнешната изјава на евркомесарката за проширување Марта Кос, која изрази загриженост поради отсуството на владеење на правото во Македонија и во другите земји од Западен Балкан, кандидатки за членство во Европската Унија.
Препорачано
Амбасадор прашањето го оцени како суштинско и како едно од оние кои, како што рече, ние честопати го забораваме.
„А тоа е дека процесот на европско приближување е процес на спроведување реформи и процес на трансформација“, рече Ле Риголер на заедничката прес-конференција со министерот за јавна администрација Горан Минчев, по потпишувањето на Меморандум за соработка меѓу двете земји за јакнење на капацитетите и професионализација на јавната администрација.
Амбасадорот рече дека тие одблизу го следат спроведувањето на реформите и реформскиот процес и потсети дека набргу ќе биде објавен извештајот на Европската комисија за напредокот на сите држави кандидатки за влез во ЕУ, меѓу кои и за Македонија.
„Суштинската работа во којашто јас длабоко верувам е следната – реформите што ги бара Европската Унија не треба да се сфаќаат како ограничувачки, односно не треба да се смета како обврска којашто треба да се спроведе затоа што Европската Унија го бара тоа, туку реформите треба да се сфатат како нешто што е добро и позитивно за земјата, од кои бенефит ќе имаат сите граѓани на оваа земја“ рече Риголер.