
Реформa за побрзо членство во ЕУ – Квалификувано мнозинство со неквалификувани шанси за успех
Европската Унија се соочува со иницијатива што може радикално да го промени начинот на проширување – со заменување на консензусот со квалификувано мнозинство при техничките одлуки. Дел од европските престолнини ја поддржуваат реформата како средство за деблокада на процесот, додека други предупредуваат на ризикот од политички отпори и нови поделби во рамките на Унијата.
„Треба да се договорат за потоа да не се договорат“. Вака поранешниот вицепремиер и министер за надворешни работи Никола Димитров во разговор за „Слободен печат“ го коментира предлогот на неколкуте европски престолнини за промена на процесот на одлучување при пристапувањето на земјите кандидатки за членство во Европската Унија.
Препорачано
Според него, корисно и за Македонија би било да се забрза процесот на пристапување, а како што се предлага, тоа може да се постигне преку употреба на гласање со квалификувано мнозинство за техничките меѓучекори, наместо со консензус на сите земји членки.
– Целата оваа работа први ја започнаа Германија и Словенија уште во јануари 2024 година, а очигледно процесот стигна дотаму што и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта го отвори прашањето за време на неформалниот самит на ЕУ во Копенхаген, а вети дека повторно ќе го отвори и на следниот официјален самит. Прашањето што сега се поставува е во каква форма ќе биде претставен самиот предлог, а најчестата варијанта е да се овозможи отворањето на кластерите и на поглавјата да се прави со квалификувано мнозинство наместо со консензус. Сепак, постојат многу точки и постојат многу земји што се мотивирани исклучиво од сопствените интереси. Колку повеќе точки елиминирате, толку поголема услуга ќе им направите на земјите кандидати за членство во Унијата – објаснува Димитров.
Тој посочува дека напуштањето на консензусот за проширувањето, таму каде што е тоа можно, и воведување квалификувано мнозинство, би ја отстранила една од најголемите кочници – ветото, односно штетната билатерализација на целиот процес.
– Јас на оваа тема, заедно со неколку партнери во регионот и во ЕУ, работам веќе неколку години. Во јуни минатата година, заедно со колеги од Клингендаел, Германскиот совет за надворешни односи и Елиамеп, објавивме политичка и правна анализа за деблокирање на одлучувањето за проширувањето на ЕУ. Работиме со Брисел, но и со земјите на ротирачкото претседателство веќе неколку циклуси. Според нашите информации, мнозинството меѓу членките ја поддржува оваа реформа, иако за жал иницијативата сѐ уште има противници. Правниот модус за воведување квалификувано мнозинство е едноставен, далеку поголем проблем е политичката волја, односно фактот дека сите 27 треба на крајот да кажат „да“. Има различни опции и во однос на опфатот, за кои одлуки нема да има потреба од целосен консензус, и околу видот на квалификуваното мнозинство. Најчесто се зборува за оневозможување на ветото при одлуки за отворање кластери, а околу видот на мнозинството, често се споменува формулата 55 отсто од земјите членки, кои претставуваат 65 отсто од популацијата на ЕУ. Во секој случај, ќе биде потребен консензус за последниот чекор – зачленувањето – објаснува Димитров.
Успехот на оваа клучна реформа, според него, ќе ги намали можностите за блокади, што ќе биде огромен импулс за процесот.
– Но, дури и да нема конечен успех, фактот што дури и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта ја турка иницијативата напред, сам по себе е корисен, бидејќи ја комплицира позицијата на оние земји членки што го блокираат од причини што немаат никаква врска со Копенхашките критериуми – вели Димитров.
Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, пак, во изјава за „Слободен печат“ вели дека ЕУ веќе станува свесна дека одлучувањето со консензус е неефикасно и ја прави самата Унија да биде неконкурентен партнер со оглед на брзината на одлучување на Вашингтон, Москва, Пекинг и други глобални актери.
– Истовремено, во однос на процесот на проширување, ова би го зајакнало критериумот на проширување, проширување во согласност со постигнати вредности, а не проширување или блокирање според билатерални желби, тенденции, импровизирани спорови или наметнати историски теми. И тоа за Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Украина и за Молдавија би било полезно, затоа што Копенхашките критериуми би добиле централна улога во процесот на приближување до ЕУ – раскажува Милошоски.
Но, една работа треба да ни биде јасна, додава тој: за да се реализира оваа реформа, ќе биде потребен консензус.
– Во моментов постојат земји што не даваат позитивни сигнали за ваков исчекор. На пример, Унгарија има свои причини да биде против предлогот поради односот кон Украина. Кипар има свои причини да биде против поради својот однос кон Турција. Грција поради Албанија. Бугарија поради Македонија. Хрватска поради Србија и делумно Црна Гора. И тоа што може да се забележи е една гласна тишина од официјален Париз за оваа иницијатива. Многу земји членки што се промотори на проширувањето, забележуваат дека во последните 10 години оваа тема не претставува висок приоритет за Франција, па затоа ќе биде многу важно како ќе се постави Париз во однос на иницијативата – вели Милошоски.
Тој смета дека Македонија ќе има голема корист од ваквата иницијатива.
– Во секој случај, оваа иницијатива ни оди во прилог, оти квалификувано мнозинство ќе одлучува за тоа дали отвораш прво, второ, трето или петто поглавје. И нема да може, условно кажано, Грција да рече дека Албанија нема да може да отвори ново поглавје затоа што за корупција се суди градоначалник што по националност е Грк. Или, пак, Бугарија нема да може да каже дека Македонија нема да може да отвори ново поглавје затоа што во историската читанка за петто одделение стои лекција што нам не ни одговара. Исто така и Хрватска нема да може да рече дека Србија нема да го затвори петнаесеттото поглавје затоа што имаме историски несогласувања. А и Кипар нема да може да каже нешто слично за Турција или Унгарија да каже нешто слично за Украина. Сметам дека иницијативата е благородна, а нејзината изводливост најмногу зависи токму од овие земји што инсистираат да имаат билатерален џокер во ракавот за блокада. Нема да оди лесно, ќе треба голем труд и политички капитал за да се стигне до целта – ни изјави Милошоски.
Предлогот што веќе е доставен до Европската комисија, доби поддршка од 16 земји членки. На заедничката прес-конференција во Скопје, австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство Клаудија Плаколм и словенечката државна секретарка за европски прашања Нева Грашич истакнаа дека целта е да се забрза процесот и да се спречи внесување билатерални или внатрешнополитички прашања во пристапниот процес.
– Среде Европа недостига еден голем дел што сè уште не е дел од ЕУ. Треба да ја затвориме оваа празнина за да ја зајакнеме безбедноста на континентот. Веќе 20 години ѝ ветуваме на Северна Македонија дека ќе стане членка. Затоа Австрија ќе се залага за користење квалификувано мнозинство во меѓучекорите за да се намали бирократијата и да се избегнат блокади – рече Плаколм.
Таа додаде дека оваа промена не би важела за финалните одлуки за членство, туку само за техничките фази на процесот, кои често се одолговлекуваат поради политички несогласувања.
Словенечката претставничка Грашич, пак, нагласи дека проширувањето на ЕУ останува приоритет, особено во контекст на новите геополитички предизвици.
– Инсистираме Северна Македонија да стане членка на ЕУ најдоцна со 2030 година. Го разбираме разочарувањето, затоа бараме процесот да стане пофер и поефикасен – рече таа.
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани оцени дека Македонија одамна укажува на потребата од ревизија на методологијата за проширување.
– Овој процес не смее да остане заробен од билатерални блокади. Тоа не им штети само на земјите кандидати, туку и на стратегиските интереси на самата Европска Унија – рече Муртезани.