Фото: Скриншот

Реакција: Трагедијата со мајката од радовишко да се расветли!

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, по објавената сторија на „Слободен печат“ во која известивме за сомнителните околности околу самоубиството на 24-годишна мајка на две деца од радовишкото село Тополница, бара од надлежните институции да постапат со должно внимание и целосно да го истражат случајот. Од Мрежата бараат надлежните да ги земат предвид сите околности и настани, особено оние кои укажуваат на долготрајно вршење на тортура и семејно насилство врз неа, а кои и биле причината за одземањето на животот.

Жената остави проштална порака во која наведе шест машки имиња, сега познати на органите на прогонот, за кои кажа дека се причинители односно довеле до таа нејзина одлука, а наведе и еден човек за кого рече дека ѝ ја дал супстанцата со која ќе посегне по нејзиниот живот.

„Сега ќе ви откријам нешто, кој е причината за ова, кој е причината што ќе посегнам по својот живот, кој ја донесе работата до овој степен. Сега ќе ги кажам (наведува шест машки имиња). А супстанцата со која ќе посегнам по мојот живот ми ја даде (наведува име). Тие секогаш ме вознемируваат, постојано ме вознемируваат. Не можам да излезам од дома, до тоалетот не можам да одам. Тие ме примораа на ова. Има и многу други, ама не знам кои се. Ве молам не ја оставајте оваа работа, обелоденете се“.

Од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство  велат дека иако има индиции и укажувања за насилство врз неа, сепак по добиените информации од Центарот за социјална работа дадена е изјава дека семејството не било корисник ниту на права од социјална заштита ниту пак е регистриран некоја пријава за семејно насилство. Истите податоци се добиени и од МВР.

„Млада жена која според информациите со кои располага Слободен печат била од 13 години во заедница со сопругот, која секој ден е заклучувана и контролирана од страна на него,  немала никаква можност да го пријави сторителот до ниедна од горенаведените институциите. Според истражувањето кое го спроведе ОБСЕ за благосостојбата на жените во нашата држава, податоците се дека семејното насилство во сите форми е широко распространето кај нас, но само 2% од жените кои доживеале насилство од сегашен партнер, го пријавиле во полиција“, велат оттаму.

Во конкретниов случај,  закопот на младата жена бил направен веднаш следниот ден, каде поради недостаток на докази за насилна смрт не е направен преглед и обдукција на починатата.

Ова уште повеќе го крева алармот за итно постапување на сите институции, особено надлежното Основно Јавно Обвинителство и откривање на вистината која стои зад оваа трагедија. Дополнително, очекуваме да се преземат сите мерки за заштита на нејзините деца и обезбедување на соодветна помош и поддршка за надминување на траумата која ја доживуваат со губењето на мајката, а секако и траумите кои ги преживеале растејќи како сведоци на насилството кое било вршено врз нивната мајка“, велат од Националната мрежа.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот