
Реакција од веледгогеријата „Д-р Пановски“ за насловот дека пратениците од уста не ја извадиле на Анкетна комисија
Нашиот правен тим со особено внимание ја следи работата на Анкетната комисија во Собранието и врз основа на прашањата, одговорите, дискусиите на сесиите на истата, не можеме да најдеме оправданост во насловот „Пратениците од уста не ја извадија веледрогеријата „Пановски“ потпишан од Мирослава Симоновска, реагираат од веледрогеријата „Пановски“. Оттаму во писмената реакција додаваат дека насловот е тенденциозен со цел нанесување штета на корпоративниот углед на АД „Д-р Пановски“.
Препорачано
„Не сакаме да веруваме дека станува збор за говор на омраза. Наша цел не е на каков било начин да се обидуваме да влијаеме на Вашата уредувачка политика. Должни сме само да Ве информираме дека сме единствени овластени дистрибутери на светски реномиран производител на лекови и медицински материјали и токму заради тоа апелираме да го земете предвид потенцијалот на евентуалните штети. Нема да дозволиме на каков било начин да се инволвира АД „Д-р Пановски“ во причините или мотивите заради кои е формирана Анкетната комисија и заради што постапуваат другите надлежни државни органи“, се додава во реакцијата.
Од АД „Д-р Пановски“ велат дека жалат што некои политички партии ја ставаат АД „Д-р Пановски“ во дневно политичкиот дискурс.
„Таквата лоша пракса можеби некој погрешно проценува дека му носи политички поени, но на среден и долг рок прави огромни штети на јавното здравство во целина и ја нагризува довербата на пациентите во квалитетот на здравствените услуги. АД ‘Д-р Пановски‘ опстојува речиси 30 години и на сите јавни набавки учествува согласно позитивните законски прописи. Апсолутно не прифаќаме поврзаност со ниту една политичка структура во државата за што говори фактот дека склучуваме договори со ресорното министерство за здравство и клиниките во периоди и мандати на различни политички влади. Можеби е интересно за почитуваната Мирослава Симоновска да истражи на колку јавни набавки во јавното здравство во периодот 2006-2016 АД ‘Д-р. Пановски‘ дала најповолна понуда и склучила договори? Одговорите на ова прашање ќе ја потврдат професионалноста на нашата компанија. Искрено веруваме дека оваа наша реакција од уредништвото на Вашиот ценет медиум ќе биде примена со добра волја и разбирање за причините за истата“, се додава во реакцијата.