Разговорот со учениците најсилна терапија за шокот од загубата на Вања

Книга на жалост за Вања во Ј.Х.Песталоци/Фото: „Слободен печат“ -Драган Митрески

Неопходно е да се формира позитивен амбиент во училиштата од страна на стручните лица каде децата ќе го надминат можниот пострауматски стрес по информацијата која ја потресе јавноста за прерано одземениот живот на 14 годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес . Во овие моменти важно е да разговара со младите, да не избегнува дискусија и да не се остава простор за дезинформации кои најчесто се провлекуваат на социјалните мрежи. Во исто време неопходно е училиштата низ земјава да преземат активности чиј приоритет ќе биде намалување на чувството на вознемиреност и загрозеност кај децата и адолесцентите.

Ова накратко се советите и препораките на социолозите и психолозите по стравувањата во јавноста дека случајот со малата Вања може да предизвика сериозни последици врз физичкото и психо-социјалното здравје на децата.

Со последната вознемиреност на граѓаните и со откривањето на сторителите на грозоморните убиства уште еднаш излегоа на површина внатрешните противречности во општеството и економските проблемите на обичниот граѓанин вели универзитетскиот професор, социологот Илија Ацески. Според него важен аспект во врска со оваа состојба е едуцирање на јавноста, особено на родителите, за тоа како да се разговара со своите деца за да се процесираат сите овие емоции.

проф. Илија Ацески – социолог / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

– Секое дете мора да ја почувствува блискоста со оној кој се грижи за неговото ментално здравје. Затоа неопходно е во училиштата меѓу децата да се формира амбиент каде тие ќе го почувствуват заедничкиот живот преку создавање на оптимизам во нивните мисли. Треба постојано да им се објаснува преку разговор како да го рационализираат односно разберат самиот грозоморен чин со малата Вања. Агресивноста која се стимулира во општеството а особено на социјалните мрежи треба да се замени со позитивна енергија за која по мене најмногу се соодветни тоа да го прават училишните психолози и педагози. Сепак, проблемот со тоа што институциите ја изгубија елементарната функционалност за организирање и спроведување на правилата на општеството и државата создава потешкотија која веќе се чуствува меѓу младите лица во земјава преку нивното агресивно и несоодветно однесување во општеството – оценува професорот Ацески.

Како што додава професорот работата е до таму отидена што цинизмот во општестовот е толкав што и овие трагедии, кои ги вознемирија граѓаните, веќе на некој начин се настојува да се искористат во политички цели.

Од друга страна психологот Мирјана Стојановска-Јовановска во изјава за домашните медиуми посочува дека неопходно е формирање тимови од стручни лица во училиштата.

– Би требало да им се формираат групи, со професионалци кои знаат да се справуваат со ваква проблематика, загуба, стресови, катастрофи. Една ваква ситуација може да го зголеми тој страв, чувството на небезбедност, загрозеност, грижата кон своите деца. Мислам дека во некоја мера тоа е нормална реакција за родителите малку да ја покачат својата будност и грижа за своите деца – вели Стојановска во изјава за ВОА.

Сепак, таа вели дека стравовите со текот на времето треба да се надминат, или да се побара стручна помош.

Во исто време министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска изјави дека децата се безбедени, и  дека не треба да се создава паника во јавноста истакнувајќи дека убиството на Вања Ѓорчевска е изолиран случај.

-И министерот Спасовски и обвинителот вчера рекоа дека тоа е изолиран случај. Не треба да создаваме паника кај граѓаните дека децата не ни се безбедни. Децата се безбедни, меѓутоа токму и за тоа зборевме и на панелот дека новото време носи нови предизвици. Развојот на ИТ технологијата, социјалните мрежи навистина наместо да ја подобрат информираноста кај граѓаните, тие преку лажните вести, говорот на омраза создаваат дури и проблеми кај менталното здравје кај голем дел од народот. Така да како институции мора да се прилагодиме на ова ново време, а и како МТСП каде што во надлежност се децата сакам да ги уверам родителите дека децата се безбедни, безбедни се училиштата, безбедни се установите од предучилишно образование, тука се институциите да работат на уште поголема сигурност и на семејствата и на секој еден граѓанин во државата, рече Тренчевска на новинарско прашање по учеството на ткалезна маса: „Спречи, одговори, заштити: Како да се зајакне борбата против семејното насилство во Република Северна Македонија“ во организација на ОБСЕ.

Детската амбасада Меѓаши со насоки како да се пристапува со децата и тинејџерите

Во меѓувреме на оваа тема се огласи и детската амбасада Меѓаши со насоки како да се разговара со децата и тинејџерите по убиството на малата Вања.

– Во овие моменти важно е да разговарате со детето/децата, да не избегнувате разговор и да не оставате простор за дезинформации. Еден од пристапите може да биде дека ви е важно да знаете како се чувствува, што знае, кои информации ги има и што сака да знае, да ве праша. Може и да нацрта, цртеж, да напише состав, оставете му слобода да се изрази како му е најлесно. Прифатете доколку не сака да разговара но бидете јасни дека сте тука, во секое време. Кажете му дека е сосем разбирливо што така се чувствува, дека сите се плашат кога се во опасност и дека тоа е природна реакција. Бидете искрени во комуникацијата, споделете ги и вашите чувства и дека сте безбедни. Објаснете му на детето дека ова е изолиран случај, еден и единствен и дека сега е безбедно, велат од Меѓаши.

Од Меѓаши ги споделија насоките за училиштата, наставниците и стручните соработници по повод киднапирањето и убиството на девојчето Вања Ѓорчевска, подготвени од стручни лица, психолози надворешни соработници на Детската амбасада Меѓаши.

Овие насоки се со цел како да се постапува во училиштата за да се постигне нормализација на состојбите по овој критичен настан, како превенција од ескалирање на кризата, велат од Меѓаши. Според Меѓаши клучните поенти во оваа интервенција се дека настанот е изолиран случај, сторителите се познати и за кои веќе се преземаат дејствија тие да одговараат и дека на секој од нас е да се справиме со вознемиреноста и загубата за залудно изгубен живот и да им помогнеме на децата полесно да се справат.

МОН со мерки за психолошка поддршка за учениците

Паралелно на ова Министерството за образование и наука (МОН) денеска во соопштение до јавноста изрази длабоко сочувство до семејството и блиските на трагично починатата Вања.

– Сочувство, но и јавна благодарност изразуваме до раководството и наставниот кадар во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ за високата посветеност и одговорност во работењето, кои воедно реагираа брзо и го алармираа семејството на ученичката за нејзиното отсуство од наставата, се додава во соопштението.

Дополнително и по трагичниот настан, како што велат од МОН, училиштето останува добро организирано, обезбедувајќи ја целокупната психолошка поддршка за сите ученици, со цел зачувување на менталното здравје и справување со трауматичните последици од целата ситуација.

– Министерството е во постојана комуникација со училиштето и предложивме поддршка во делот на ангажирање дополнителен кадар, составен од педагози и психолози, кои ќе им бидат на располагање на учениците во периодот што следи. Во меѓувреме, сите заедно да се заложиме вакви настани да не се повторуваат. Да бидеме подобри луѓе. Одговорноста е заедничка. Почивај во мир, драга Вања, пишува во соопштението.

Инаку ученичката Вања Ѓорчевска исчезна на 27ми ноември. Во неделата, на 3 декември, МВР и Обвинителството соопштија дека таа била убиена, а нејзиното тело било пронајдено во близина на Скопје, кај селото Бразда. За киднапирањето и убиството на Вања се осомничени петмина. Главен осомничен е Љупчо Палевски, по кого е распишана меѓународна потерница. Во притвор се наоѓа и таткото на Вања, за кого постојат сомнежи дека на киднаперите им дал информации за времето и местото каде што се движи неговата ќерка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот