
Разговор со Живко Грозданоски за книгата „Писмо за Глорија“ ќе се одржи во Градската библиотека во Скопје
Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ го најави разговорот со Живко Грозданоски, авторот на книгата на месецот „Писмо за Глорија“. Разговорот и книгата на месецот се дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“ што Библиотеката ја спроведува веќе втора година како поддршка на домашната издавачка продукција и силна промоција на македонскиот јазик. Настанот ќе се одржи в среда, 3 април, во 19 часот, во спомен-собата „Т’га за југ“.
Препорачано
Романот „Писмо за Глорија“ (издание на „Или-или“) е слоевито дело, кое меѓу другото говори и пишувањето како еден вид терапија.
– Овој роман е еклатантен пример за тоа како (авто)фикцијата може да биде книга за себеосознавање, себесоочување и самопомош преку клучот и лавиринтите што тој ни го отвора низ бескрајните предели на убавата литература – напиша Фросина Пармаковска во освртот кон романот.
„Живко Грозданоски напишал автофикција, се свртел кон еден „одметнички жанр“, како што описно го нарекуваат. Жанр кој во себе ги обединува автобиографијата и фикцијата, и кој се открива како изневера на традиционалното автобиографско писмо“, подвлекува Ацо Гогов.
Живко Грозданоски е роден во 1986 година во Кичево. Основно училиште завршил во Бигор Доленци и во Кичево, средно во Скопје. Дипломирал на Катедрата по италијански јазик и книжевност. Пишува проза и книжевност за деца. Неговите кратки раскази се преведени на десетина јазици, а неговите романи се преведени на бугарски („Куфер за тројца“, „Или-или“, 2014) и на италијански („Последното име на иднината“, „Антолог“, 2018).
Преведува и препејува од и на италијански јазик. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Здружението на преведувачи на Македонија (ЗПРМ). Периодов е посветен на организација и изведба на работилница по креативно пишување автофикциски расказ „по природниот тек на нештата“.
Разговорот со Живко Грозданоски ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
Во рамките на кампањата „Читаме современи македонски автори“ крајот на месецот секогаш се заокружува со Клубот на читатели посветен токму на книгата на месецот, известија од Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.