
Разговор со театарскиот режисер Јане Спасиќ: Сите добри актери имаат „живо дете во себе“
Претставата „Мајсторот за спомени“, поставена по текст и режија на Јане Спасиќ, е одлично изработена сценска реализација на идејата да се направи убава приказна од сеќавања.
Препорачано
Театарскиот режисер Јане Спасиќ досега има поставено претстави во Драмскиот театар и во Театарот за деца и младинци. Работи и на независната сцена, а претставата „Мајсторот за спомени“ ја постави во рамките на театарската продукција „Артопија“ во Младинскиот културен центар во Скопје.
Приказната за докторот со необични методи за менување на спомените кај неговите пациенти е драмско истражување на сеќавањата и нивната поврзаност со театарот и со животот.
Како дел од театарската продукција на независното здружение „Артопија“ ја постави претставата „Мајсторот за спомени“ на сцената во МКЦ. Покрај режијата, автор си и на текстот, кој е своевидно истражување на сеќавањата. Што е инспирацијата на текстот и зошто сеќавањата се во фокусот на претставата?
– Пред околу четири години почнав да размислувам, зошто некој настан ни останува во сеќавање, а други не, потоа согледав дека нашиот идентитет се темели на нашите сеќавања, сите наши ставови, односите со луѓето, начинот на којшто сакаме и мразиме, сите стравови и погледот на светот, за сѐ ова, одговорно е нашето минато. Па, потоа сфатив дека сите мои претстави на извесен начин се занимавале со темата на меморијата и сеќавањата, и решив да направам една завршна претстава фокусирана директно на тоа. Но, како што работев, сфатив дека и театарот функционира со евоцирање на веќе одиграни работи од минатото (претходните проби и изведби), за потоа да сфатам дека тоа ми дава одговор на севкупниот „матрикс“ и така влегов во „земјата на чудата“ од која нема враќање назад, ама сега свесно и барем направив претставата за тоа. Веројатно сега чекам да заборавам на сево ова, па да направам нова претставата за истото.

Во претставата игра млада актерска екипа, а ним фантастично им парира малечката Анастасија Аневска. Имаш некој специфичен метод на работа со деца актери или целата работа е завршена веќе со кастингот?
– Веќе долго работам со деца во претстави во кои се одработуваат сериозни теми, кај народот познати како теми за возрасни. Немам „пишан метод“, сѐ уште се водам интуитивно. Клучно е да ги разберам како размислуваат, да стекнеме заемна доверба, да сфатам кои им се референците, за да створиме јазик со кој ќе се разбираме низ процесот и да ги интегрирам со „големите актери“. Генерално, сите добри актери имаат „живо дете во себе“, оттаму доаѓа креативноста. Секако дека кастингот е клучна работа. Анастасија е исклучително интелигентна, талентирана и соодветна за улогата, процесот со неа беше претерано едноставен.
Претставата е направена како дел од независната продукција. Бидејќи имаш работено и во Национални установи (Драмски театар, Театар за деца и младинци) каква слобода во креацијата и изразот дава независната сцена?
– Независната сцена дава секаква слобода на израз, но нема простор и продукциска организација, а и финансиите се оскудни, па поради ова се поставува прашањето каква е баш таа слобода, без услови за слобода? Но, не би ги мистифицирал ниту условите во институциите. Институциите, продукциски се за нијанса подобри, но им недостасува идеја зошто постојат. Раководителите, чест на исклучоци, се огледало на способноста на оние што ги поставиле, а сите знаме какви „нобеловци“ има кај нас, во политиката. Ако си доволно зрел можеш да правиш буквално што сакаш, само ти треба стратегија. Единствената разлика е што при аплицирањето установите најчесто бараат готови драмски текстови, а за независна сцена можеш да аплицираш и со „скица на идеја“. Всушност, во тоа и треба да се разликуваат овие две сцени, независната и институционалната. Ете, не е сѐ така неточно и погрешно.

Од друга страна, како независен автор колку е можно да се оствари творечки континуитет?
– Па за чудно чудо може, ако си искрен со себе и ги сакаш претставите што ги правиш – може. Некако сите мои претстави ги обединува нишката на сеќавањата и идентитетот, веројатно поради носталгијата, односно безгрижноста на детството и борбата за откривање на својот идентитет што постојано се менува, а и поради постојаната шизофренија на општествените прилики во Македонија.
Очигледно е дека ти лежи целосното авторство (текст и режија), но кои драмски автори и текстови би сакал да ги поставиш на сцена?
– Мартин Мекдона ми е омилен, тоа не е некоја голема тајна и од него имам поставено веќе три пиеси. Христо Бојчев го сакам бидејќи пулсира убаво со балканскиот нарав, искажувајќи лесно длабоки теми, Бекет можеби би бил следен, за него размислувам веќе подолго. Немам фиксации, брзо заборавам.
Обичен „сурф“ низ твојот профил на Фејсбук открива дека имаш постирано многу песни од Анте Поповски. Со каква цел?
– Свесно, немам конкретна цел. Пред некое време го постирав Славко Јаневски, потоа дојде на ред Анте Поповски, сега е Гане Тодоровски, потоа ќе дојде некој друг великан. Едно време се почувствував виновно дека ги немам интегрално прочитано стожерите на македонскиот јазик. Сега го правам тоа и кога ќе наидам на нешто ептен убаво, го постирам. Сакам поезија, таа има моќ да артикулира чувства и ситуации што немаат име и кои се покомплексни. Можеби потајно сакам да ми останат некаде омилените песни, а и секогаш е попаметно да постираш некој попаметен од себе. Веројатно удел има и недостигот за врска со македонскиот јазик, кој полека, поради ситуацијата во образованието и културата, умира.
(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 117, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 19-20 февруари 2022)