Фото: Приватна архива

Разговор со Сузана Турунџиева: Ја победив лошата дијагноза и сега живеам нов живот

Пејачката и водителка Сузана Турунџиева вели дека во изминативе десет месеци, откако ѝ била откриена сериозна дијагноза, добила шанса за нов живот.

Со голема упорност и верба во медицината, таа ја добила здравствената битка, а едно од нештата што ја смирува е музикотерапијата, свирењето на инструментот хендепен што го набавила од Турција.

Таа одржува часови по музикотерапија со мали групи жени и вели дека овој метод на третман со звуци ѝ ги растерува црните мисли и најмногу ја опушта.

„Годинава која ја оставам зад мене е една многу успешна, неверојатна и незаборавна година на професионален план. Приватно, полна со лекции, неизвесности, предизвици и искушенија што непрестајно ме потсетуваат дека животот е премиера без реприза и морам да го живеам до последниот здив, со сите сили, капацитети и таленти со кои Бог ме дарувал. Во изминатава година од животот добив жолт картон, а не бев подготвена за тоа. Но, истовремено сум многу благодарна што наместо жолт не добив црвен картон и добив шанса да се борам, да се променам, да победам! Животот ме ‘обучи’ и ме подготви да се справам и да се борам и во најневозможни ситуации. Ни во сон не можев да претпоставам дека некогаш ќе ми биде дијагностицирана сериозна дијагноза, мене, која цел живот се трудам да живеам и да се хранам здраво. Во изминативе 10 месеци сфатив дека поважно од тоа што јадеш било што те јаде! Па, така, со силна верба во Бога и се разбира со верба во медицината имам привилегија да живеам нов живот, во кој на првото место сум јас, па сѐ друго. Основната грешка што најверојатно ја правев во минатото беше што на својот грб се трудев да ги понесам сите проблеми, неволји и тешкотии што ги имаа моите блиски, децата, саканите. Сосема несвесна дека себеси се ставав на последното место. Како да сакав на сите да им бидам сè за да им го олеснам патот. Но, тоа мое истоштување, мораше некаде да се рефлектира… Ама, како што реков погоре: Обучена сум сè да преживеам, ќе го преживеам и ова“, ни рече Сузана Турунџиева, која е дел од водителите на Утринската програма на телевизијата Алфа.

Фото: Приватна архива

Со музикотерапија, таа вели дека се занимава цел живот. Првите 20 години на несвесно, а следните 20 на свесно ниво.

„Веројатно требаше животот да ме расшамара од сите страни, да ми се случат многу грди сценарија, да изгубам многу драги луѓе предвреме, за да почнам музиката да ја применувам како (музико)терапија, оти рака на срце, имаше години кога не можев ниту да пеам, ниту да слушам музика, ниту да слушам други луѓе (колеги) како пеат. Тоа беше во годините кога не бев ни свесна за моќта на музиката, особено онаа што сам(а) ќе си ја одбереш, наместо да консумираш сѐ што ти се нуди, или сѐ што слушаат останатите. Во последнава деценија, навлегувајќи малку подлабоко во истражување и анализа на музиката и на инструментите што се користат во терапевтски цели, дојдов до фасцинантни спознанија за музиката која лекува, балансира, подига и го поттикнува хормонот на среќата. Кога за првпат го чув во живо хендпенот – инструментот што ми требаше многу долго време да го набавам, на моето лице се појави една природна смирена и многу широка насмевка, а во срцето ми се вгнезди радост и неискажливо задоволство, кое кај мене во истиот момент го активираше невидливиот внатрешен доктор што ми ги растрга црните мисли, ми го подобри расположението, ми го покачи нивото на самодоверба, концентрација, ме направи многу поподготвена да носам големи и значајни одлуки, и со леснотија да се справувам со непредвидливи ситуации. Овој инструмент е моќен антидепресив, кој можете да го консумирате кога сакате и колку што сакате. Плус тоа е неверојатен лек за осамени луѓе и луѓе што не се социјално активни, а најголем дел од времето го поминуваат дома, помеѓу 4 ѕида“, додава Турунџиева.

Таа работи со мали групи во кои, како што вели, членуваат прекрасни жени од 20 до 75 години, кои на прва се вљубиле во звукот на хендпенот. Принципот на работа е многу едноставен, паралелно со усвојување на карактеристиките на инструментот, тие учат и солфеж и максимално им се препуштаат на смирувачките звуци што ги носат во една димензија на опуштеност, мир и радост. Нешто, што и тоа како на сите ни е потребно.

„Свирејќи наизменично и со десната и со левата рака, правиме баланс и помеѓу левата и десната хемисфера во мозокот. Хендпенот е длабоко интуитивен инструмент и секој што свири на него подолго од 15-ина минути, чувствува лична поврзаност и покачено ниво на самодоверба што е фасцинантна. Се користи и како ритуален инструмент во јога и медитација и токму поради тоа е еден од најпрепознатливите исцелителни инструменти“, вели Сузана Турунџиева.

Фото: Приватна архива

Ако го врати наназад нејзиниот живот уште една деценија порано, вели дека „никогаш ништо не беше лесно и едноставно“.

„Како некој да ми го притиснал ‘копчето’ на најтешкото! Судбината честопати ми поделила ‘лоши карти’, но јас научив и со тие лоши карти да одиграм разумно, добро, некогаш дури и многу добро! Така што, му благодарам на Бога за сите искушенија, предизвици и солзи што ми ги даде, во спротивно не ќе бев ни свесна колкава ми е силата и способноста да издржам и да се исправам на нозе и по сите понори“, открива Сузе.

Таа е основач и диригент на женскиот хор „Фрида од Македонија“, во кој членуваат жени над 40 години, а оваа сезона оформиле уште една (трета) група, во која им се приклучиле многу членки кои до скоро биле нивни огромни фанови и поддржувачи, а сега со гордост се нарекуваат „Фриди“.

„Особено сум горда што за релативно многу краток период публиката ја препозна и со голема симпатија ја поддржа добрата приказна на нашата голема женска заедница. Во овој хор го вложив моето знаење, авторитет, моето животно и професионално искуство, целото мое слободно време, се потрудив на секоја помеѓу нас да ѝ го всадам семето на добрината, хуманоста и човечноста, за да можат успешно да ме следат во сѐ она што правам. Среќна сум што речиси сите ја разбраа мојата мисија и визија од сам почеток и преблагодарна што Бог ми прати една ваква голема армија од жени со благородни срца и распеани грла. Кај нас секојдневно има понекоја интересна приказна, а најубавите ни се случуваат додека патуваме. Изминатата сезона бевме на две заеднички патувања, каде имавме време да се дружиме, запознаваме и да пееме без ограничувања. Нашата химна ‘Песната е лек’ ги надмина моите очекувања и нѐ направи да се чувствуваме уште попривилегирани и посреќни што имаме химна што допира до секое срце и те тера да станеш, да ги рашириш рацете и да танцуваш, да прегрнуваш, да се смееш“, ни рече диригентката на хорот.

Фото: Приватна архива

Помеѓу обврските во телевизијата, хорот, часовите со музикотерапија, ќерките, внукот Јаков и мајка ѝ, Сузана вели дека добро се организира, зашто кога се сака, сè се може и со добра организација на времето се стигнува навреме секаде. Среќна околност за неа е што не е „спанка“ и најмногу ги сака утрата, во кои добива многу идеи и изнаоѓа одговори на многу прашања. Сите свои композиции ги напишала рано наутро, па и химната „Песната е лек“ ѝ дошла едно рано утро додека гледала во морето и ги слушала брановите.

„Благодарение на музиката и на исцелителните инструменти успевам да се оттргнам од сите непријатни информации, вознемирувачки содржини или теми што во текот на утрото ми се наталожиле во мислите додека ја работам утринската програма каде што редовно читаме и вести од земјава и светот. Така што секогаш кога завршува емисијата, јас си одам дома и правам детокс. Влегувам во собата кај што ми ‘живеат’ инструментите, просвирувам 30-ина минути и се чувствувам како нова“, вели Сузана.

Поминаа девет години откако во јули во 2016 година почина нејзиниот сопруг Марјан, татко на нејзината помала ќерка Матеа.

За својата најголема љубов што ненадејно ја загуби, Турунџиева вели: „Неверојатно е како немајќи друг избор, научуваш да живееш со нечие отсуство. Дури и не ми се верува дека од смртта на Марјан поминаа цели девет години. Не мислам, туку сигурна сум дека работата, музиката, патувањата и моите скапоцени пријателки што јас ги нарекувам дијаманти, како и мојата несопирлива, природа ме спасија од очај, осаменост, депресија и анксиозност сите овие години. Имаше периоди и кога немав работа, односно бев невработена, ама тогаш повеќе од секогаш работев на себе, бидејќи таму секогаш има работа. Тоа најмногу ме одржа во живот. А во врска со тоа колку ми недостига Марјан, само јас си знам“.

За внукот Јаков, од постарата ќерка Лора и зетот Филип, вели дека е едно темпераментно детенце, кое сега е прваче и постојано ги засмејува и ги навраќа назад во училишните години.

„Тој е мојот подарок за 50-тиот роденден и посакувам сите да го доживеат тоа прекрасно чувство. Се гледаме многу често и задолжително еднаш во неделата ја посетуваме Скопската чаршија каде што се однесуваме како туристи. Времето многу брзо тече и сега ако за нешто жалам, жалам што не можам веќе да го носам в раце. Сега е веќе големо момче, кое во целост наликува на тато Филип, ама има по малку и од мама Лора“, со љубов раскажува Турунџиева за внукот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот